Димитриеска-Кочоска на средби во ММФ: Продолжуваме со дисциплинирана фискална политика

 

Владата цврсто е определена за спроведување на фискалната политика дефинирана со Законот за буџети и Фискалната стратегија, а насочена кон зацврстување на макроекономската стабилност. Целта е постепена фискална консолидација и заштеди во Буџетот и поддршка на економијата со инвестиции во инфраструктурни проекти. Ова беше истакнато на средбата на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска со заменик-генералниот директор на ММФ, Бо Ли, како и на состаноците со извршниот директор во Меѓународниот монетарен фонд Јерон Клик, директорот на Европскиот оддел во ММФ Алфред Камер и шефот на Мисијата на ММФ за Република Македонија Анет Кјоб, пренесува во соопштение Министерството за финансии.

На средбата министерката истакна дека Буџетот се реализира согласно планираното при што на приходната страна е забележан раст на приходите во првиот квартал од 2025 година за 11,4 проценти во споредба со тој период претходната година, додека на расходната страна растот е понизок и изнесува 2,1%, со што полека но сигурно одиме кон фискална консолидација. Таа додаде дека во тек се подготовки на новата Фискална стратегија за перидоот 2026-2030 година и дека фокусот со новата стратегија останува на континуирана постепена фискална консолидација.

Министерката на средбите се осврна и на очекувањата за економскиот раст, којшто е проектиран на 3,7 проценти во 2025 година при тоа наведе дека се следат и актуелните состојби и се земаат предвид неизвесностите на глобално ниво. Тој ќе се темели на реализација на инвестиции, за што, рече во Буџетот, има висок износ од 47,2 милијарди денари. Дополнително ќе биде поддржан и со проектите кои се насочени кон локалниот економски раст и инвестициите во приватниот сектор. Исто така силна поткрепа, според министерката, се и странските директни инвестиции, за што наведе, дека во минатата година се реализирани рекордни 1,255 милијарди евра. Исто така на средбата беше посочено дека се очекува и продолжување на надолниот тренд кај инфлацијата и нејзино стабилизирање.

На средбите беа нотирани напорите за спроведување на реформи за унапредување на управувањето со јавните финансии и дека е важно да се оствари раст на приходите преку намалување на сивата економија, како и дигитализација на процесите.

– РС Македонија добива значајна поддршка во спроведување на овие реформи од Меѓународниот монетарен фонд. Тоа беше потенцирано на средбата на министерката со претставници на Одделот за фискални прашања при ММФ на која беше изразена благодарност за досегашниот развој на капацитетите во различни области од управувањето со јавните финансии преку обезбедената експертиза во клучните реформи за управување со јавните финансии. Тоа, како што посочи министерката, е дел и од реформите поврзани со нашата ЕУ интеграција, инфорира Министерството за финансии.

Средбите на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска се реализираа во рамки на Пролетните средби на ММФ и Светска банка што оваа недела се одржуваат во Вашингтон. Министерката покрај средбите со ММФ, оствари средби и со високи претставници на Светската банка, на Трезорот на САД, финансиски корпорации, а претходно беше во посета на македонската дијаспора во Чикаго.

25.04.2025 - 20:56

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега