Единаесетта година по ред: ТАВ донира пакети со храна и хигиенски средства во Илинден

 

 

Како дел од хуманитарната иницијатива „Подај рака“, а во пресрет на големиот христијански празник Велигден, ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, денеска, 17-ти април, донира пакети со прехранбени производи и со хигиенски средства за 37 семејства од Општина Илинден, кои живеат во социјален ризик. 

Генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт и заменик-генералниот директор на ТАВ Македонија, Перо Лупевски, утрово се сретнаа со градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски во Домот на културата на Општината, каде што ги предадоа хуманитарните пакети за семејствата од ранлива категорија. 

 “Среќен сум што уште една година, во време кога солидарноста е поважна од кога и да било, можеме да направиме голема разлика во нечиј живот. Повторно покажуваме дека заедно со Oпштина Илинден и со Црвен Крст можеме да донесеме надеж во нечие срце, топлина во домовите на оние кои се соочуваат со економски тешкотии. Секое семејство заслужува топла атмосфера и чувство дека не е заборавено. Мисијата на ТАВ Македонија, како општествено одговорна компанија, не е само да работиме успешно, туку и да живееме одговорно – за луѓето, за заедницата, за иднината”, порача Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија. 

Волонтери на Црвениот Крст, ангажирани од Општина Илинден, ќе ги достават пакетите до семејствата на кои им се потребни, а кои живеат на територијата на Општина Илинден. 

Донацијата направена денеска за семејствата од ранлива категорија граѓани, е само една од бројните општествено одговорни активности на ТАВ Македонија. Аеродромскиот оператор на двата македонски аеродрома – Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, продолжува со својата стратегија за поддршка на заедниците граѓани кои живеат во општините каде што работат двата аеродрома. Како дел од ТАВ Аеродроми, која е членка на групацијата АДП, ТАВ Македонија поддржува проекти кои се одржливи, хуманитарни, едукативни и кои придонесуваат за добросостојбата на луѓето и на животната околина. 

17.04.2025 - 11:33

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега