ГАК не договори старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија
Земјите-членки на ЕУ на вчерашното заседание на Советот за општи работи (ГАК) не постигнаа договор за одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија до крајот на оваа година и покрај јавно изнесените надежи на словенечкото претседателство за старт на преговорите со двете земји годинава. Во заклучоците од состанокот изостана временската одредница „до крајот на годината“ како рок за одржување на првите меѓувладини конференции со Скопје и Тирана.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Европската комисија и Советот на ЕУ изразија задоволство од компромисот постигнат во делот на проширувањето, кој потпретседателката на Еврокомисија, Вера Јоурова го оцени како „ремек дело на способноста на ЕУ да изгради компромис“.
Државниот секретар за европски прашања на Словенија, Гашпер Довжан изјави дека состанокот на ГАК бил успешен и е „пример за духот на компромис и лојална соработка на земјите членки“ на ЕУ.
– Она што е важно се заклучоците на Советот, не ги споредуваме со претходните нацрти, некои формулации се тука од пред два месеца и повеќе, но бидејќи преговорите за вакви документи се многу долго, дефинитивно би го оценил денешниот ден како успех. Она што начелно предвидовме да го постигнеме не беше изводливо оваа година и ова е фактичката причина зашто „оваа година“ не се појавува повеќе во заклучоците, изјави синоќа Довжан по завршувањето на седницата на ГАК.
Во заклучоците е отстранета експлицитната референца што ги поврзува процесот на проширување за Северна Македонија со имплементацијата на Договорот со Бугарија, меѓутоа оваа референца е присутна и во самата преговарачка рамка, како што објаснуваат дипломатите што имале увид во рамката. Според нив, ако Северна Македонија дојде до чекор на усвојување на таа преговарачка рамка, останува прашањето како ќе се води дипломатска битка на тој терен за да не се дозволи процесот на преговори да биде заробен од билатералниот спор помеѓу Скопје и Софија.
Во пресрет на вчерашното заседание на Советот за општи работи, премиерот Зоран Заев во телефонски разговор му го честиташе изборот на Кирил Петков за претседател на Владата на Бугарија, при што двајцата се согласиле да продолжат да работат на изнаоѓање прифатливо решение за деблокирање на постапката за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија.
Во разговорот е изразена подготвеност да се забрза комуникацијата и соработката низ повеќе работни групи во областите на економијата, културата, здравството, енергетиката, инфраструктурата и други области од интерес на македонските и на бугарските граѓани.
– Се согласивме да продолжиме да работиме на изнаоѓање прифатливо решение за деблокирање на постапката за почеток на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ и за нов позитивен импулс за зајакнување на билатералните односи меѓу нашите две земји, во име на заедничката европска иднина, наведе Заев на Фејсбук.
Петков во интервју за „Фајненшл тајмс“, дадено пред неговиот избор за премиер, најави нов пристап кон земјава, што според лондонскиот весник претставува сигнал дека „Софија ќе стави крај на опструкциите за почеток на преговори на Северна Македонија со ЕУ“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа