Гардијан: Српските власти за време на пандемијата ја ограничуваа слободата на луѓето најмногу во Европа
За време на пандемијата на коронавирус во Србија се забележани најголеми прекршувања на меѓународните демократски слободи, трипати повеќе од европскиот просек, покажа истражувањето спроведено од Институтот за варијации на демократијата (В-Дем).
Во анализата на британскиот весник „Гардијан" се потсетува дека во Србија, за време на вонредната состојба, бегалците, мигрантите и барателите на азил биле селективно таргетирани и ставени во 24-часовен карантин, а прифатните центри биле обезбедувани од војската. Весникот додава дека им било забрането да излегуваат од центрите, а персоналот бил спречен да влезе, пренесува Бета.
Истражувањето покажа дека земјите од Источна Европа се повеќе склони кон насилно спроведување на мерки, дезинформации и дискриминација, а најчести прекршувања се ограничувањата на медиумските слободи. Како одговор на пандемијата од март 2020 година, пет од 18-те источноевропски земји ги прекршија меѓународните демократски слободи, додека ниту една од 12-те западноевропски земји немаше такви случаи.
Белгија е единствената земја во Западна Европа каде што има умерени случаи на кршење на слободите. За време на пандемијата, имаше „насилна полициска практика во таа земја што несразмерно ги погоди малцинските етнички заедници".
Смртта на млад човек со африканско потекло, кој почина во притвор, предизвика антирасистички протести. Комитетот на ОН за елиминација на расната дискриминација потоа објави извештај во кој изрази загриженост поради расистичките инциденти во кои била вклучена полицијата.
Експертите велат дека ваквите акции често се придружени со мерки против Ковид-19 воведени од владите, кои немаат јасна основа во владеењето на правото.
Џоел Гроган, професорка по право на Универзитетот Мидлсекс, изјави дека експерти од 24 од 27-те земји-членки на ЕУ пријавиле барем некаква загриженост поради рестриктивните мерки надвор од законските овластувања на владите.
– Иако скоро сите земји се бореа да го балансираат владеењето на правото и силниот притисок да дејствуваат во вонредна состојба, вели Гроган, и дополнува дека тоа не значи дека треба да има подеднаква загриженост за сите земји.
Во анализата на Гардијан се наведува дека некои земји од Централна и Источна Европа со историја на поткопување на демократските принципи ја искористиле пандемијата за дополнително ширење на антидемократските практики.
Пример е Словенија, каде владата воведе финансиски и законски ограничувања за невладините организации и го промени законот за животна средина како дел од мерките за ублажување на ефектите од пандемијата. Во јуни годинава Словенија беше додадена на листата на земји со брз пад на граѓанските слободи. Невладината Цивикус оцени дека словенечката влада ја искористила пандемијата како изговор за воведување мерки кои ги кршат основните човекови права.
Гардијан наведува и дека полскиот парламент неодамна усвоил закон за медиуми насочен против влијателната независна телевизија ТВН. Нивото на ризик за демократските слободи во Полска, се додава во текстот, е три пати поголем од европскиот просек.
Гроган истакна дека постои длабока загриженост за кризата со владеењето на правото и дека демократските институции систематски пропаѓаат во многу земји-членки на ЕУ.
Покрај Полска и Унгарија, значителен демократски пад има и во Србија, Турција и Словенија од 2010 година.
Демократските режими останаа главно стабилни во повеќето западноевропски земји, се вели во извештајот за демократијата на Институтот V-Dem објавен претходно оваа година. Меѓутоа, четири источноевропски земји преминаа од либерална во изборна демократија, додека Унгарија и Србија беа категоризирани како изборни автократии.
Гроган вели дека опасноста лежи во нормализирање на прекршувањата на демократијата во име на реагирање во вонредни ситуации, пренесува Бета.
„Опасноста од нормализирање на вонредната состојба е да заборавиме на вообичаените очекувања дека можеме безусловно да оствариме некои наши права и се игнорира дека некои одлуки владата може да ги донесе само со дозвола: можеме да кажеме дека имаме демократија, но не живееме во неа, објасни Гроген.
– Надежта сè уште постои бидејќи авторитаризмот во основа се потпира на јавната поддршка, смета Гроген, и истакна дека за обичните луѓе, најдобриот отпор кон антидемократските трендови лежи во протестот, приговорот и образованието
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа