Германија регистрира зголемување на барањата за азил во јануари
Бројот на луѓе кои аплицирале за азил во Германија се зголеми во јануари во споредба со претходниот месец, но останува далеку под нивото забележано една година порано, покажуваат најновите податоци на Федералната канцеларија за миграција и бегалци (БАМФ), јави ДПА.
Дури и по падот на Башар ал-Асад, Сирија останува водечка земја на потекло за луѓето кои аплицираат за азил во Германија, со 30,4 отсто од сите нови барања за азил, наведува германската агенција.
Севкупно, бројот на лица кои за првпат бараат азил во јануари е зголемен за 22,5 отсто во споредба со декември, достигнувајќи 14.920. Но, оваа бројка останува далеку под бројката на лица кои првпат бараа за азил во јануари 2024 година, кога аплицирале 26.376 лица.
По Сирија следат Авганистан (со 13 отсто) и Турција (со 11,2 отсто) како земји на потекло на најмногу баратели на азил кои поднеле нови барања во Германија, пренесува ДПА.
Многу од апликациите поднесени за сириски државјани се однесуваат на деца родени во Германија, наведува агенцијата.
Германија на 9 декември ги суспендираше сите одлуки за случаите на побаран азил од Сиријци, по одлуката на Ал Асад да ја напушти земјата поради офанзивата на антирежимските исламистички сили.
Германските власти ја објаснуваа оваа суспензија со ставот дека е потребно време да се процени новонастанатата ситуација во Сирија, што ќе влијае на случаите на луѓе кои бараат заштита од опасностите во неа, потсети ДПА.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа