Ги фатија за 500 евра: Двајца рекетари од Штип добија притвор

 

Основното јавно обвинителство Штип донело наредба за спроведување истражна постапка против двајца соизвршители на кривични дела изнуда од член 258 став 1 и предизвикување општа опасност од член 288 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничените, како што денеска соопштија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, во последните неколку дена од старата година, испратиле повеќе заканувачки пораки кон трето лице, изнудувајќи му парични средства.

- Соочен со сериозни закани кон  сопствениот и животите на членовите на своето семејство, оштетениот ги пријавил осомничените, по што на 4 јануари била организирана средба за да им предаде 30.000 денари. Полициски службеници ги затекнале при обидот да ги преземат паричните средства и ги уапсиле, се појаснува во соопштението.

Во текот на претходната постапка, Основното јавно обвинителство Штип обезбедило докази кои даваат основано сомнение дека истите лица на 16 декември, пред зграда на улицата „Сремски фронт” во Штип намерно запалиле паркиран автомобил „Сеат леон” сопственост на една оштетена.  На тој начин со умисла предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Штип доставил предлог за определување мерка притвор за осомничените, поради опасноста од бегство, можноста да влијаат врз сведоците или да ги повторат делата. Судот го прифатил предлогот и им определи притвор во траење од 30 дена. 

10.01.2025 - 08:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега