Како Палчо ќе го исплати Страшевски кој го брани за убиствата на Вања и Панче?

 

Во Основниот Кривичен Суд во Скопје вчера требаше да се одржи рочиште за убиствата на малолетната Вања и велешанецот Панче кои ја потресоа цела Македонија, но рочиштето беше откажано, бидејќи адвокатот на првообвинетиот во случајот Љупчо Палевски Палчо, Јовица Страшевски, не се појави на судење поради здравствени проблеми, па така Палчо не беше вкрстено испрашуван како што беше предвидено.

Судијата Ивица Стефановски, кој го суди предметот за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, закажа две нови рочишта на кои е предвидено Палчо да дава исказ и да одговара на вкрстени прашања. До Кривичен суд, била доставена документација од Страшевски во која се наведува дека тој не може да присуствува поради здравствен проблем кој вчера му бил дијагностициран. Судијата рече дека ова е прво одлагање и дека судот ќе има разбирање, но нема да дозволи да се повтори.

- „Доколку се случи уште еднаш вакво нешто, ќе поставам бранител по службена должност“, рече судијата Стефановски.

На минатото рочиште, Палевски одговарајќи на прашања од неговиот бранител Јовица Страшески негираше одговорност за двојното убиство, тврдејќи дека нема мотив за такви злосторства и дека е жртва на „морален атентат“, организиран од политички и медиумски структури. 

Според него, обвиненијата се дел од обидите за негово дискредитирање поради неговите активности против корупцијата и перењето пари во земјата, како и политичкиот ангажман за организирање референдум за прашањето со Бугарија.

Инаку, адвокатот на Палчо, Јовица Страшевски, неодамна во "Претрес" на Кристијан Ландов, првично рече дека за тоа што го брани првообвинетиот за монструозните убиства, тој не треба да го плати, а потоа рече дека се договориле но дека тоа е деловна тајна.

„Ќе бидам исплатен, ама не како што треба да бидам“, рече адвокатот во подкастот.

Палевски ги отфрли обвинувањата поврзани со настаните од 22 ноември 2023 година, денот кога, според Обвинителството, бил убиен Панче Жежовски, нагласувајќи дека времињата и фактите наведени во обвинението не се совпаѓаат со реалноста. 

Во обвинението стои дека Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Грабнувањето на оштетениот Панче Жежовски во Велес, пак, според обвинението, било со намера да го присилат да им го даде сопственото возило „Цитроен“ за да го користат за грабнување на детето во Скопје.

Малолетната Вања и велешанецот Панче беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес.

 

17.04.2025 - 08:20

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега