Кина воведува нова цензура
Кина ги претстави новите опсежни регулативи, кои ќе го заострат објавувањето информации за нејзината војска на интернет потенцијално прикривајќи ги клучните извори за следење на најголемите вооружени сили во светот. Правилата, објавени за време на викендот, стапуваат во сила на 1 март во време кога Кина забрзано ја развива и модернизира Народноослободителната армија (ПЛА) за да ѝ се спротивстави на воената моќ на Соединетите Америкснски Држави, пишува Си-ен-ен.
Тоа исто така е последниот чекор во широката кампања на лидерот Шји Џјинпинг за зајакнување на националната безбедност и заштита на државните тајни во услови на зголемени геополитички тензии.
Општите правила би можеле да имаат големо влијание врз кинеските воени блогери и коментатори, кои честопати бргу споделуваат фотографии и информации за новите системи за оружје, назначувањето на персоналот и движењето на војниците.
Јавно достапните информации објавени од кинески воени ентузијасти беа важен извор за набљудувачите на ПЛА да ги следат развојот и движењата на кинеската војска. Прописите се насочени кон решавање на проблемите, како што се ширење лажни воени информации и обелоденување воени тајни на интернет, се вели во соопштението на владата.
Според Си-ен-ен, правилата строго забрануваат производство, копирање, објавување и дистрибуција на воени тајни, национална одбранбена технологија, индустриски тајни или други необјавени информации.
Списокот на забранети содржини вклучува развој и тестирање системи за оружје, воени вежби и распоредувања, како и организациски структури, задачи и борбени способности на воените единици што не се официјално објавени.
Прописите се насочени кон индивидуални корисници и даватели на онлајн-воени информации“, кои вклучуваат веб-страници посветени на воени прашања, воени колумни и сметки на социјалните медиуми што се занимаваат со војската.
Прописите беа заеднички усвоени од 10 тела, вклучително и највисокото регулаторно тело за интернет, главната воена команда и министерствата за јавна безбедност, државна безбедност и за култура и туризам.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа