Курти најави кандидатура за членство во ЕУ

 

Косовскиот премиер Албин Курти денеска, во екот на новите тензии и блокади на патиштата на северот, најави дека Приштина оваа недела ќе поднесе барање за членство на Косово во Европската унија, објави РТК на српски јазик.

Барикадите на северот на Косово не беа отстранети ниту денеска, и покрај барањата на амбасадите на САД и Велика Британија во Белград и Приштина и повторениот повик на Европската унија до двете страни да ги деескалираат последните тензии и за „опасното зголемување на тензиите во Косово“ денеска ќе разговараат министрите за надворешни работи на Унијата.

Србите од северот, кои се политички поддржани од Белград, поставија барикади во саботата во знак на протест против апсењето на еден сонародник, до неодамна припадник на косовската полиција, кого косовските власти го обвинуваат за тероризам и за рушење на уставниот поредок, а на кого му е одредена мерка притвор до 30 дена.

Белград и Приштина меѓусебно се обвинуваат дека предизвикуваат нова криза, која САД и ЕУ се обидуваат да ја решат со дополнително интензивирање на дипломатскиот ангажман. Брисел повикува на деескалација, а Вашингтон испрати делегација која ќе се обиде да ја смири ситуацијата и да се врати на дијалогот на двете страни.

Објаснувајќи ја најавената кандидатура за членство во ЕУ, Курти, како што пренесуваат приштинските медиуми, рекол дека ЕУ е „место на мирот“ и дека Косово „има природно место во таа куќа“. Апликацијата на Косово за членство е, вели тој, одговор на самитот во Солун во 2003 година и покана од овогодинешниот самит на ЕУ и земјите од Западен Балкан во Тирана.

„Пред една недела на самитот во Тирана, во заедничка изјава, ЕУ повика на забрзан процес за членство“, рече косовскиот премиер, наведувајќи дека кандидатурата на Приштина „е одговор на ветувањето што ЕУ му го даде на регионот за членство од самитот во Солун во 2003 година, но и директен одговор на поканата од Самитот во Тирана“.

Тој тврди дека Косово било „подобро подготвено во споредба со другите земји“ во времето кога тие аплицирале за членство.

 

13.12.2022 - 21:06

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега