Левица: ЗНАМ го штити грабежот - ги избраа патните трошоци наместо народот
Соопштението на ЗНАМ со кое обзнанија дека на утрешната седница нема да го поддржат предлогот на пратеничката група на Левица за кратење на патните трошоци, го цениме како крајно арогантен и расипнички. Анонимните пратеници од ЗНАМ повторно докажуваат дека во Собранието учествуваат само за лични бенефити наместо за позитивни решенија, велат од Левица.
„ЗНАМ со своето соопштение покажува дека е само уште еден приврзок на корумпираниот систем. Наместо да дадат безрезервна поддршка за кратење на патните трошоци, тие го релативизираат проблемот и волјата на народот. Со тоа, само докажуваат дека штом ќе им се укаже шанса, ќе ги искористат механизмите за лично богатење на грбот на граѓаните.
Нивниот став дека нема да поддржат ниту еден предлог кој доаѓа од Левица ја докажува нивната ароганција и не почитување на демократските принципи, односно игнорирање на 70.000 граѓани коишто гласале за Левица на последните парламентарни избори.
Иако пратениците од ЗНАМ се непознати за јавноста, тие веќе активно ги користат патните трошоци и покрај високата пратеничка плата. Ова е уште еден доказ дека нивните наводни ‘принципи’ се само празни зборови за јавноста додека во реалноста уживаат во привилегиите. Дополнително, потсетуваме дека пратеничката Весна Бендевска, сега дел од ЗНАМ, како поранешна пратеничка од СДСМ беше меѓу рекордерите по наплатени патни трошоци.
Нивните понудени „решенија“ и активност како пратеници се сведува само на неразумниот предлог за воведување на трет директор на Царина.
Ги повикуваме пратениците да се вразумат, конечно да одработат согласно волјата на народот и на утрешната седница на Собранието да го изгласаат законското решение предложено од Левица за кратење на патните трошоци и прекинување на злоупотребите на народниот буџет“, стои во соопштението на Левица.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа