Локвенец-Папукчиски: Обезбедени се средства за железничката пруга Софија-Скопје

Локвенец и Папукчиски остварија средба во просториите на ЈП „Железници на Република Северна Македонија“, на која присуствуваа и претставници на делегацијата на Европската Унија во Скопје кои дадоа силна поддршка за реализација на проектот и продлабочување на инфраструктурната соработка. Потоа, заедно го посетија градилиштето, делот од Коридорот 8, Режановце, првата делница од Куманово до границата со Република Бугарија.
Папукчиски искажа благодарност за брзата реакција и изразената подготвеност за продолжување на редовни работни состаноци за изградба на железничката линија Софија-Скопје.
„Овде, сите сме свесни за нашата одговорност во однос на реализацијата на Паневропскиот транспортен Коридор 8, којшто ќе го поврзе Јадранското море со Црното Море преку Албанија, Северна Македонија и Бугарија. Знаете дека во моментов во ДП НКЖИ се спроведува проект за техничка помош за подготовка на проектот за модернизација на железничката линија Софија – Перник – Радомир - Ѓуешево - граница со Република Северна Македонија, којашто е дел од главната мрежа и делумно поминува долж Коридорот Ориент-Источен Медитеран. Инвестицискиот проект предвидува изградба на железничка магистрална пруга за опслужување на населението, домашниот и меѓународниот товарен сообраќај. Овој проект ќе обезбеди оперативна компатибилност на инфраструктурата, опремата, системите за управување, експлоатација и безбедност, како и поврзување со европските железнички мрежи преку примена на унифицирани стандарди и во согласност со барањата на Трансевропската транспортна мрежа. Во моментов, железничката линија Софија – Перник – Радомир - Ѓуешево има вкупна должина од 139 километри. Брзината во делот варира од 70 до 100 километри на час, со одредени ограничувања од 40 до 75 километри на час. По спроведувањето на проектот очекуваме брзината да достигне 130/160 километри на час. Да си посакаме плодна работа и да се потсетиме дека при изградбата на железничките пруги нашите предци знаеја дека градат историја“, рече Папукчиски.
Локвенец и Папукчиски искажаа силни заложби за вложување на професионалните компетенции, желба и одговорност за реализација на железничката линија којашто ја преминува границата меѓу Бугарија и Северна Македонија - тунелот Деве Баир.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа