„Матеј исчезнал затоа што нешто се случило во клубот“: Форензичарот ги открил своите сознанија за случајот
Матеј Периш исчезна ноќта меѓу 30 и 31 декември, откако последен пат бил виден како без јакна и своите лични работи излегува од клубот „Готик“ каде бил на прослава со своето друштво од Сплит.
Неколку денови по потрагата откриени се снимки од безбедносните камери кои покажуваат како исчезнатото момче трча по улиците на Белград, како и една каде се гледа маж кој плива во Сава, но таткото на Матеј истакнал дека тоа е стара снимка и дека на неа не е неговиот син.
Пријателите на Матеј со кои бил таа вечер, исчезнувањето на нивниот другар го пријавиле следниот ден по 16 часа, а како што дополнително било откриено, полицијата ги испрашала и на полиграф и потоа тие се вратиле во Сплит, додека во Белград и натаму е таткото на Матеј кој истакнал дека нема да си замине додека не го најде својот син.
Утрово на утринската програма на „ТВ Прва“ се огласил форензичарот Часлав Ристиќ кој ги коментирал наводите дека пред пет дена во една од саксиите покрај реката биле пронајдени отпушок и врвки за кои постоел сомнеж дека му припаѓаат на Матеј.
„Не е пет дена долг временски период, секако на тие врвки мора да се пронајдат биолошки траги. Моите информации, откако го следам овој случај кој навистина ме потресе, кажуваат дека форензичарите на лице место не пронашле ништо. Тие ја прегледале областа од местото на кое би требало да се пронајдат траги за да се најде нешто што му припаѓа на Матеј и колку што знам не пронашле ништо“, изјавил форензичарот, па додал:
„ДНК анализите можат да завршат за ден-два, доколку неговиот татко дал примерок, а и со отпушокот може да се направи ДНК, таму останува плунката која е многу потентна трага“.
Форензичарот истакнува дека првата причина за исчезнувањето на Матеј не се наоѓа надвор кај реката.
„Тука само треба да се стави акцент, да се види дали Матеј и на кое место влегол во вода... Ние сега тука се занимаваме со последицата, но причината е во клубот - поради што тој трчал, тоа знаат само неговите пријатели да го кажат. Кај нив е причината.
Тие треба да знаат и дали таа вечер консумирале алкохол, дали консумирале дрога, поради што тој излегол... И на крај, тој проток на времето од кога тие забележале дека него го нема до утрешниот ден попладне кога пријавиле во полиција, тоа е голем проток на време и за форензичарите затоа што некои траги се губат во тој временски период“, изјавил Часлав.
Ристиќ открил и поради што форензичарите баш на тоа место ги бараат трагите, како и дека можно е ништо да не пронајдат.
„Објективно гледаме, тој тука и не морал да остави ниту една биолошка трага, доколку ги гледаме снимките. Тоа се траги на местото каде тој можеби влегол во вода, траги од папиларни линии, отпечатоци доколку се фатил за оградата да ја прескокне. Меѓутоа, тие отпечатоци со оглед на протокот на времето и големиот број на луѓе кои можеби се фатиле на истото место, повеќе не можат да се пронајдат. Форензичарите затоа прегледуваат поширока област за да најдат траги“, истакнал тој, па додал:
„Можно е да нема никаква трага. Доколку трчал, доколку воопшто влегол во вода, тој слегол по скалите и влегол во вода или влегол прескокнувајќи ја оградата. И кои траги тогаш можат да останат. Повторно, единствено е доколку се фатил за оградата или испаднало некое парче од неговата облека. Тоа е прашањето, дали тој воопшто влегол во вода или не затоа што безбедносните камери не го забележале тоа.
Забележано е дека некој плива и постои сомнеж дека тоа е тој, но тоа ќе го истражат форензичарите, мора да се утврди дали тоа е тој. Тој човек добро плива, по мое мислење не делувало дека тоа може да е некој во алкохолизирана состојба, единствено чудна ми е насоката во која плива затоа што не плива кон крајбрежјето за да се спаси.
Тоа што Ристиќ во целост го исклучува е дека постои било каков криминален момент.
„Клучните траги требало да ги обработи оперативата во разговор со другарите. Но, некој криминален настан тука нема. Само се бара млад човек кој исчезнал и доколку се пронајде, а јас се надевам дека тој е жив, цела оваа приказна ќе се реконструира. Полицијата го прави тоа што го прави и моментално нема други можности. Нивно е да се реконструираат настаните и да се тргне по потрага“, заклучил форензичарот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа