Министерка на Трамп му се закани на Харвард: Ќе ви забраниме да запишувате странски студенти
Американската секретарка за внатрешна безбедност Кристи Ноем се закани дека ќе го одземе правото на Универзитетот Харвард да запишува странски студенти доколку до 30 април 2025 година не ја предаде документацијата за „незаконски и насилни активности“ на странски студенти, објави денеска американското Министерство за домашна безбедност.
„Ноем испрати остро писмо во кое бара детална документација за незаконски и насилни дејствија од странски носители на студентска виза на Харвард до 30 април 2025 година, или веднаш ќе им биде одземена SEVP сертификатот“, се вели во соопштението на Министерството.
Таа сертификација им овозможува на универзитетите да ги издаваат формуларите потребни за добивање виза за влез во САД на меѓународни студенти кои биле примени, според Министерството.
Во моментов на Харвард студираат 6.793 странски студенти, што претставува 27,2% од вкупниот упис во академската 2024/25 година, според податоците на универзитетот.
Министерството, исто така, објави дека ја откажува исплатата на 2,7 милиони долари што му беа доделени на Харвард.
Портпаролот на Харвард во изјава рече дека тие се запознаени со писмото, но остануваат на нивниот претходен став дека „нема да се откажат од својата независност или да се откажат од своите уставни права“, пренесува Си-Ен-Ен.
„Ќе продолжиме да го почитуваме законот и очекуваме да го стори тоа и администрацијата“, се вели во соопштението. „Доколку федералната влада преземе акција против некого во нашата заедница, очекуваме тоа да се заснова на јасни докази, спроведени преку постоечките правни процеси и почитување на уставните права што важат за сите“.
Според студентскиот весник The Harvard Crimson, Министерството во писмото го обвинува Харвард за создавање „непријателска средина за еврејските студенти“.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа