На протест во Белград десничари побараа прекин на преговорите со Приштина
Околу стотина граѓани се собраа на протест организиран од десничарските опозоциски партии пред Претседателството на Србија во Белград. Тие пешачеа низ централните градски улици до Руската амбасада, а потоа до храмот Свети Сава. Тие бараа од претседателот на Србија Александар Вучиќ да ја „промени политиката“ на Србија кон Косово и да ги прекине преговорите што се водат во Брисел.
Демонстрантите, како што пренесува српскиот портал Н1, побараа поништување на договорите од Брисел и Вашингтон и враќање на сите надлежности и органи на српската држава на Косово и Метохија.
Тие побараа од претседателот на Србија да испрати писмо до претседателите на Русија и Кина, Владимир Путин и Си Ѓинпинг, во кое ќе побараат од нив да стават вето на влезот на Косово во Обединетите нации.
Демонстрантите извикуваа „Косово е Србија“, а при обраќањето на Младен Обрадовиќ до Вучиќ беа испратени погрдни пораки. Насобраните рекоа дека на Косово е во тек „сафари“ и „лов на Срби“.
Граѓаните носеа голем транспарент на кој пишува „Косово е срцето на Србија, а Метохија е душата“, а носеа и српски знамиња и помали крстови.
Насобраните ги носеа транспарентите „Во Призрен утре и засекогаш“, „Нема предавање“, „Косово ќе предаде само кукавици“, а на митингот свиреа српски народни песни посветени на Косово и Метохија.
Беше организирана протестна прошетка низ централните белградски улици до Руската амбасада, од каде учесниците скандираа „Браќа Срби и Руси засекогаш“.
Протестот заврши кај црквата Свети Сава. Помина без инциденти, со слабо присуство на полицајци во униформи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа