Нетанјаху се закани со прекин на примирјето ако не се ослободат заложниците

 


Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се закани дека примирјето во Газа ќе заврши ако Хамас не ги ослободи заложниците до сабота напладне. Ова денеска го побара и Доналд Трамп.

„Тукушто го завршив четиричасовниот состанок на политичко-безбедносниот кабинет и изразивме гнев поради шокантната состојба на тројцата заложници кои беа ослободени во саботата. Го поздравуваме барањето на Доналд Трамп за ослободување на сите заложници до сабота напладне и ја поздравуваме неговата револуционерна визија за Газа. Поради одлуката на Хамас да го прекрши договорот за примирје со тоа што го одложи ослободувањето на заложниците, ѝ наредив на војската да ги зголеми своите сили во и околу Појасот Газа. Ако Хамас не ги врати заложниците до сабота напладне, примирјето ќе биде прекинато и Израелските одбранбени сили ќе продолжат со жестоки борби до целосното уништување на Хамас“, изјави Нетанјаху.

Откако почна примирјето, Хамас ослободи 16-мина израелски заложници и петмина Тајланѓани во замена за стотици палестински затвореници. Во првата фаза треба да бидат ослободени уште 17-мина заложници, од кои осуммина се мртви.

Следната размена требаше да се случи во сабота, но Хамас синоќа објави дека прекинува со ослободувањата затоа што Израел го крши договорот за примирје.

11.02.2025 - 23:50

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега