Џихадистите се потенцијална опасност и за Хрватска
Радикалните исламисти од државите во регионот се значителен безбедносен предизвик и за Хрватска, се наведува во извештајот, кој хрватската Безбедносно-разузнавачка служба го објави и во кој меѓудругото се наведува дека т.н. џихадисти претставуваат потенцијална опасност и за таа држава.
Во документот е нагласено дека нивниот број во Југоисточна Европа е во пораст, така што многумина од хрватското соседство заминуваат во Сирија и Ирак за да се борат.
Фактори кои предизвикуваат пораст на прифаќање на радикалното толкување на исламот во регионот се изразено лошата економска состојба и појавата на верски службеници, кои прифаќаат и шират такви радикални ставови.
– Од 2012 година во судири во Сирија и Ирак учествуваа повеќе стотици борци од држави од хрватското соседство. Дел од нив се припадници на најрадикални групи, кои таму се борат. Во Хрватска засега не сме идентификувале такви лица, а џихадистите ја користат територијата на Хрватска како транзитно подрачје. Но по враќањето во своите држави, тие се значителен безбедносен ризик. Во судирите дополнително се радикализирани, трауматизирани од воени искуства и тренирани за вооружена борба, се вели во извештајот, чии делови објави „Јутарњи лист“.
Извештајот додава дека хрватското разузнавање вклучува и надзор на екстремни исламистички групи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа