Реконструкција на водоводна мрежа и проширување на мостот на Маркова Река, најави Општина Аеродром
Општина Аеродром најави дека во наредниот период започнува со целосна реконструкција на водоводната мрежа на улица 2 во Долно Лисиче, а исто така се започнува и реализација на проектот за проширување на мостот на Маркова Река што ги поврзува Долно и Горно Лисиче.
Тендерските постапки и за двата проекта се во финална фаза и се очекува наскоро, по нивното комплетирање да се почне со реализација на терен.
„Водоводната мрежа на улица 2 во Долно Лисиче за првпат од нејзината изградба добива целосна реконструкција при што старите и дотраени цевки ќе бидат заменети со нови и пошироки инсталации во должина од околу 1 300 метри. Со ова конечно се става крај на повеќедеценискиот проблем со водоснабдувањето што го имаат жителите во овој дел од Аеродром“, соопштија од Општината.
Наредниот период Општина Аеродром започнува и со реконструкција и проширување на мостот на Маркова Река, меѓу Горно и Долно Лисиче.
„Мостот се наоѓа на многу фреквентна сообраќајница и токму заради зајакнување на безбедноста во сообраќајот се врши реконструкција со проширување на овој мост, со што би се добило побрз проток возилата, но она што е уште позначајно е дека ќе се зголеми и самата носивост на објектот“, се наведува во соопштението.
Реконструкцијата на водоводната мрежа и на мостот,додаваат од таму, се два капитални инфраструктурни прокета од витално значење, особено за жителите на Долно и на Горно Лисиче, и се финансиски поддржани од Владата.
Вкупната вредност на реконструкцијата на водоводната мрежа изнесува 15.457.871 денар, додека вкупната вредност на проширувањето на мостот е во висина од 12.066.494 денари.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа