Албанскиот премиер Еди Рама во официјална посета на Кина

 

Албанскиот премиер Еди Рама на покана на премиерот Ли Кечијанг престојува во дводневна официјална посета на Кина, јави дописникот на МИА од Тирана.

Делегациите на двете земји, предводени од премиерите ќе разговараат за повеќе значајни проекти од инфраструктурата, транспортот и енергијата.

За време на престојот во Кина, најавено е да се потпише договор со кој под концесија, за период од 25 години на Кина ќе и биде дадено албанското пристаниште Шенѓин.

Кинезите интерес за Шенѓин покажаа во почетокот на годинава, кога делегација на кинеското Министертво за трговија, задолжена за Европа, го посети пристаништето за да се запознае со можностите за конкретни инвестиции.

Проектот се предвидува да се изгради еден километар од пристаништето со капацитет од 60 милиони тони стока и прикотвување на бродови до 500 илјади тони.

Претходната влада на премиерот Сали Бериша во неколку наврати ова пристаниште кое се наоѓа на Јадранското Море ветуваше дека ќе му го остапи на Косово.

Премиерот Рама, покрај другото, денеска се очекува да се обрати на Светскиот економски форум кој се одржува во Тианјин, источна Кина, додека в четврток ќе одржи предавање пред студентите на Унивезитетот за финансии и економија во истиот град.

10.09.2014 - 09:46
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега