Костадиновски : На 19 јуни ќе се одржи Подготвителната седница за Законот за јазиците

 


Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски во интервју за ТВ магазинот „Трилинг” емитувано на 2 мај 2025 година, изјави дека Подготвителната седница за Законот за јазиците е закажана за 19 јуни 2025 година.  Претседателот на Уставниот суд објасни дека поради трагедијата во Кочани, Судот еднаш ја одложи седницата, а неговите проценки се дека после локалните избори наесен веќе ќе има одлука на Судот. 

„На 19 јуни ќе организираме подготвителната седница, по неа ќе ни требаат до два месеци да се подготви нов реферат и да се сублимираат сите мислења на сите учесници. Моја проценка е дека конечната улога ќе биде донесена после изборите, рече тој„Да не се случеше трагедијата, подготвителната седница ќе беше веќе завршена, и за во јуни некаде природно би дошло носењето на одлуката. После подготвителната седница ќе ни требаат месец, месец и пол, два, за да се подготви нов реферат, за да се сублимираат сите мислења на сите учесници…Не знам за кога ќе бидат распишани изборите, пореални се шансите и пообјективно би било, затоа што ние за самата седница кога беше само најавена видовме, тешки политички манипулации, политизација, етнизација, тешки критики за уставниот суд”, рече претседателот. 

Костадиновски оценува дека во државата нема проблем со меѓуетничките односи, туку со нивната злоупотреба.

„Постојат теми во нашето општество што се неподобни за политичка експлоатација. Такви се меѓуетничките односи. Тие се многу важни за општество какво што е македонското. Но, мојот длабоко уверување е дека ние во овој стадиум на развој на нашето општество немаме проблем во меѓуетничките односи. Имаме друг тип на проблем,а тоа е злоупотреба на меѓуетничките односи за политички цели. Ете тоа го сведочевме целиот изминат период и по постапувањето за „Балансерот” и Законот за јазиците. Ние имаме една понасушна потреба.  Jас се согласувам дека меѓуетничките односи се еден од столбовите за стабилност на нашата држава. Но во овој момент, мое лично убедување, има еден уште поважен темел за стабилноста на нашата држава. Тоа е владењето на правото. Реално и вистинско, не лажно и не деклараторно. Никој не треба да стравува од нашето постапување. Ниту едно право што секој еден граѓанин го ужива од нашиот Устав, нема да биде ускратено. Нашите правни стојалишта за кој било закон ќе го натераат законодавецот да направи подобар закон, потенцираше Koстадиновски.

Претседателот на Уставниот суд се обрати до граѓаните и порача да бидат спокојни и да не веруваат на политичките манипулации, бидејќи Уставниот суд е тој кој го штити Уставот. 

„На што се темели историската недоверба во институциите на системот? На недостатокот на владење на правото. А што е владењето на правото? Тоа е состојба на уставност. А состојбата на уставност која штити? Уставниот суд. Затоа од нашето постапување никој, ама баш никој не треба да стравува, не треба да трепери општеството какво одлука ќе донесеме. И еве не сакам да полемизирам со политичките фактори, политичката култура ми е добро позната. Нема да го сменам тоа нешто, но сакам да се обратам до граѓаните. И континуирано тоа го правам. Да си бидат спокојни. Ништо страшно нема да се случи. Еве „Балансерот” го укинавме, се случи ли нешто страшно? Не. Законот за iазиците? Ниедно право што секој еден граѓанин го ужива по нашиот Устав, нема да биде ускратено. Граѓаните можат да бидат среќни со постапувањето на Уставниот суд. Зашто? Затоа што нашите наоди, правни стојалишта за било кој закон, ќе го натераат Законодавецот да направи подобар закон од тој што го направиле”, истакна Костадиновски. 

Соочен со фактот дека на 14 април истече рокот од шест месеци кој Уставниот суд му го предложи на Собранието за да се направат интервенции во Законот за електронски комуникации,  Костадиновски кажа дека е во комуникација со претседателот на Собранието, Африм Гаши и добил информација дека се бара решение во однос на спорните одредби за мета податоците на сите граѓани кои ги чуваат операторите, а кои потоа ги користат безбедносните служби. Костадиновски објасни дека станува збор за мета податоци од секој граѓанин кои ги чуваат телефонските оператори, како што се комуникациите преку апликации, повици, локации итн.  а потоа во случај на кривични дела може да ги користат истражните органи. 

„Во комуникација сум со спикерот на Парламентот- Гаши, јас очекувам многу брзо да добијам одговор, најавен ми е одговор, во која фаза е Собранието, зашто ние му одредивме рок од шест месеци, поминаа шест месеци, ние не би сакале и не случајно јавно имам кажано, доколку Собранието не постапи во согласност со нашите правни стојалишта, ние немаме избор. Ние мораме да интервенираме во тој закон. Но последиците, ако настапат, не дај Боже, тогаш ние не сносиме никаква одговорност. Собранието имало доволно временски период да се усогласи со нашите стојалишта, кажа Костадиновски. 

Претседателот на Уставниот суд, д-р Костадиновски изјави дека според него, овој состав од судии донел најреволуционерни промени, во споредба со било кој состав на Судот од неговото основање по прогласување на независноста на државата. 

„Овој состав на Уставниот суд е далеку пореволуционерен и од првиот, наречан најугледен состав. Еве ќе ви кажам зашто. Моите колеги во првиот состав не ги виделе слабостите на деловникот што самите го донеле? Манипулативен, подобен за политички инфилтрации. Без рокови може судија, известител да држи предмет 9 години, председател на суд може 3 години додека му трае мандатот, некојпредмет да не го изнесе на седница на Судот. Ева сега ја ќе ви кажам што е разликата меѓу тој, кој сите го викаат за најеминентен состав, го квалификуваат првиот состав на Уставниот суд, компарирано со овој. Новиот Акт на Судот ги адресира сите слабости на Уставниот суд. Нема веке чување на предмети од судија-известител. Шест месеци има да го сработи предметот и да го достави до претседателот на Судот. Ако не го направи тоа, Судот му го одзема правото. На председателот на Судот одземено му е правото да биде манипулативен, 3 години да го чува предметот, додека му трае мандатот. Ако за еден месец не го извадам предметот на седница на Судот, може да ми се одземе правото. И тоа не е една револуционерна промена, има и други. Затоа, ако јас зборувам, било кој да е експерт, ама било кој и да е еминентен, но еминентен не само по статус, туку по завршена работа. Да видиме што сработиле. Дали ја обезбедиле независноста и самостојноста на Уставниот суд? Дали обезбедиле Закон за Уставен суд? Ништо не направиле. Еве јас ќе ви кажам. Уживале во комфорноста на функцијата. Ето тоа е моето мислење. И може да бидам критикуван за ова, но, кога зборуваме за нешто, треба да зборуваме со факти. Што оставиле зад себе? Дали оставиле подобар Уставен суд? Дали успеале да донесат закон?затоа сега организиравме и јавна дебата на таа тема, изјави претседателот Дарко Костадиновски. 

03.05.2025 - 09:58

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега