„Нека скапат во затвор монструмите кои продадоа и силуваа девојче“
Ужас се случи во близина на Загреб и го потресе регионот. Родители го продале нивното 15-годишно девојче за 6000 евра. Ја купило друго семејство за нивниот 17-годишен син. Ја затвориле и ги одземале документите и секојдневно ја злоставувале, соопшти Жупаниското државно обвинителство во Загреб.
Истовремено ја принудувале на тешка физичка работа во домаќинството, без прекин и без одмор, а младичот иако бил свесен за нејзиното противење, континуирано ја принудувал на сексуални односи.
Девојчето по повеќемесечна агонија успеало да побегне. Го искористила моментот на невнимание и скокнала низ прозорецот во кујната. Потрчала кон железничката станица, а нејзиниот злоставувач и неговиот помлад брат се обиделе да ја спречат да влезе во возот. Но, и помогнала една млада жена.
Службите веднаш реагирале. Приведени се родителите на злоставуваното девојче како и семејството што ја купило. Овој случај, вели стручњак за сузбивање на трговија со луѓе, покажува дека системот не одговорил на должностите.
- Не е лесно да се сфати како е можно девојче од 15 години да замине од својата околина на друго место, а притоа никој да не реагира. Ниту роднините ниту познатите ниту институциите, вели Ловорка Мартиновиќ, независен стручњак за сузбивање трговија со луѓе.
Родителите на продадената тинејџерка, како и семејството што ја купило се во затвор каде би можеле да останат и до 15 години.
Реагираше и хрватската правобранителка за деца.
- Верувам дека надлежните институции, пред се мислам на Центарот за социјални грижи, ќе се погрижат за девојчето и ќе и обезбедат сместување и здравствена грижа. Нужно е да добие и психолошка помош и поддршка и да се заштити во иднина, вели правобранителката Ивана Милас Клариќ.
Полицијата, поради специфичноста на случајот, не сака да изнесува премногу детали за да ја заштити малолетната жртва.
Соседите на семејството кое ја држело во заробеништво се во шок. Велат, изненадени се, оти станува збор за скромно и пристојно семејство кое никогаш не правело проблеми.
- Откако се оженија, не сме ја виделе, вели еден од соседите.
Од полицијата велат дека годишно имаат по околу триесетина слични случаи. Имало и порано вакви злосторства, но се криеле и не се пријавувале, оти за нивно откривање нужна е поддршката и од околината.
Оваа вест ги разгневи корисниците на социјалните мрежи од регионот. Тие бараат доживотна казна и велат „Минструмите да скапат во затвор“!
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа