ДОМ: Загадувањето од Железарница може да се види со голо око

 

Демократската обнова за Македонија (ДОМ) апелира државните институции  да не ги прифатат барањата на фирмите за одложување на европските еколошки стандарди. Претставници на партијата денеска повторно побараа одговор кој го врши загадувањето со облаци од чад во Скопје кои, според поплаките од граѓаните, потекнуваат од кругот на скопската Железарница. Во прилог на тврдењата презентираа и снимки што ги направиле партиски активисти во изминатите неколку денови.

- Може да се забележи и со голо око во раните утрински и доцните вечерни часови експлозија од прав и гасови кои го трујат населението во Гази Баба, Ченто, Автокоманда, Бутел 1 и 2 и пошироко, наведе на прес-конференција Златко Јордановски, претставник на ДОМ и дипломиран хемиски инжинер.

ДОМ како зелена партија, додаде, инсистира на одговори кој загадува, зошто не се почитуваат еколошките стандарди, зошто инспекторатите за животна средина не инсистираат на тоа и  зошто се случува тоа секогаш рано наутро и доцна навечер.

ДОМ, како што рече Јордановски, инсистира да се спроведе Законот за животна средина според кој сите фирми треба до април 2014 да се прилагодат на европските еколошки стандарди. Тоа, појасни, значи дека институциите не треба да ги земат предвид барањата на фирмите за одложување на роковите за уште 5 години затоа што сите загадувачки материи кои потекнуваат од нивното работење ја уништуваат и животната средина и здравјето на луѓето што е евиденто од енормниот пораст на малигните и други видови тешки заболувања.

- За ДОМ се неприфатливи барањата на мeталургиските комбинати, затоа што во изминатиот период имаше историски највисоки цени на металите, а тие не сакаа да одвојат максимум до 1 процент од својот профит за здравјето на вработените и околното население. Тоа значи дека фирмите треба да вложат во спроведување на предвидените оперативни планови, што ќе значи зголемен нето еколошки придонес и за вработените и за околното население и да престанат да ги уценуваат институциите преку бројот на вработени кај нив, рече Јордановски.

најчитано сега