Заев: Градиме едно општество за сите - заедничка Македонија
- Македонија ја правиме заедничка и земја за почит. Испишуваме историја, градиме едно општество за сите, носиме живот еднаков за сите, истакнаа лидерот на СДСМ Зоран Заев и кандидатката за градоначалничка, Миликије Халими, на вечерашниот митинг во Арачиново.
- Ви благодарам што покажавте дека е можно тоа. Да продолжиме, да ги заокружиме промените и да има живот за сите во Арачиново и во Македонија. Вие го кренавте гласот за чиста вода, канализација, градинки, училишта, дека вистинските проблеми на граѓаните се исти за сите, а тоа се условите за живот. Да покажеме дека сме подготвени сплотено и единствени да работиме за заедничка иднина на нашите деца, рече Заев.
Истакна дека со Миликие Халими се отвора ново поглавје за Арачиново и за Македонија. -
Позади Миликие Халими, жена борец, стои СДСМ, 22 коалициски партнери, убеден сум дека стои цела Македонија, додаде Заев. Халими нагласи дека Арачиново е барометар дали Македонија е на вистинскиот пат.
- Големата присутност на митингот покажува дека вие граѓаните го препознавте вистинскиот пат, за подобар живот на сите. Патриотизам се нови работни места, канализации, училишта, градинки, патишта, тоа значи подобар живот. Гласот за број 19 е глас за надежна, достоинствена иднина за сите нас, порача Халими.
Таа додаде дека „претседателот на СДСМ, Зоран Заев, испиша историја, и овозможи сите етнички заедници да ја чувствуваат Македонија исто". Заев дополни дека веќе ќе нема делби на општините, а ќе има локален развој.
- Секој граѓанин е важен, власта ќе им служи подеднакво на сите граѓани. Заедничка, единствена, сплотена Македонија е нашата иднина. Барам поддршка за бројот 19, за советничката листа предводена од Агрон Беќири, за кандидатката за градоначалничка на Арачиново, Миликије Халими, за живот во Арачиново и во Македонија за сите, повика претседателот на СДСМ, Зоран Заев во Арачиново.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа