Стојановски: Имаме јасна визија- Илинден да прерасне во урбана, атрактивна и конкурентна општина во регионот и пошироко
Да се биде градоначалник на Општина Илинден е голема чест и вистинска привилегија, но истовремено и голема одговорност и предизвик. И покрај многубројните предизвици во изминатиот период, користејќи ги нашите расположливи потенцијали, искуства, знаења и капацитети, целосно се насочивме кон реализација на планираните проекти со цел обезбедување на одржлив економско-социјален рамномерен развој и просперитетна иднина на целокупното население во Општина Илинден. Нашата цел е јасна, подобрување на квалитетот на живеење и животниот стандард на сите граѓани во Општина Илинден, истакна Жика Стојановски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на општина Илинден.
-Еден градоначалник секогаш размислува за следниот избор, за можноста за постигнување на ефект во целина и активирање на креативноста и иновативноста со своето целокупно знаење и искуство. „Да ги искористиме силните страни на Општина Илинден“ е моето мото, и Ние знаеме како да ги искористиме можностите, да обезбедиме нагорна линија за одржлив локален економски развој. Политиката на ВМРО-ДПМНЕ која е насочена кон овозможување на просперитетна иднина и поквалитетен живот на граѓаните, и понатаму останува моја определба, рече Стојановски и додаде:
Затоа, ја барам вашата доверба да продолжиме со реализација на голем број нови капитални проекти, зацртани во нашата програма:
1. Подобрување на патната инфраструктура (изградба, реконструкција, санација и рехабилитација на локални улици и патишта);
2. Подобрување на инфраструктурата во стопанските комплекси и локалните економски зони;
3. Изградба на фекална канализација со пречистителни станици;
4. Чистење, нивелирање и одржување на отворените одводни канали;
5. Изградба и подобрување на систем за зафаќање и одведување на атмосферските води;
6. Изградба на детска градинка во Миладиновци, и згрижување на деца од најмалата група – воведување на „јасли“ во градинката „Гоце Делчев“;
7. Реконструкција на училиштата, обезбедување на просторни услови за одвивање на квалитетна настава, со воведување на целодневна настава;
8. Реконструкција и доградба на амбулантата во населба Илинден, со цел нејзино прераснување во Здравствен Дом, и воведување на дежурства;
9. Изградба на стадион со трибини во населба Илинден, со цел создавање услови за одржување на натпревари од повисок ранг;
10. Поставување на спортски реквизити и изградба на скејт парк;
11. Изградба на пешачки и велосипедски патеки за поголема безбедност во сообраќајот;
12. Модернизирање и проширување на водоводниот систем;
13. Воспоставување на гасификациски систем, воведување на гасификација на стопанските објекти;
14. Изградба на патна и комунална инфраструктура во новата населба „Јака“;
Како и повеќе други проекти дефинирани од секојдневните потреби на граѓаните на Општина Илинден.
Имаме јасна визија, Општина Илинден да прерасне во урбана, атрактивна и конкурентна Општина во регионот и пошироко, со создадени услови за одржлив економски и социјален развој како и квалитетен живот на населението. Општина Илинден – препознатлива, потврдена, економски силна, урбана општина со современи услови за живеење и стопанисување, потенцираше тој.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа