Регистрирани нови инциденти - МВР со детали
Министерството за внатрешни работи информира дека попладне во тек на локалните избори е регистриран обид за физичка пресметка меѓу гласач и член на избирачки одбор, осум случаи за фотографирање гласачки ливчиња и две гласања во име на друго лице.
Според соопштението од МВР, попладне во 15:25 на гласачкото место 2052 во село Горно Седларце, тетовско, регистриран е обид за физичка пресметка меѓу гласач и член на изборачки одбор. И.М (71) од Горно Седларце дошол да гласа, и откако ја приложил личната карта во тој момент С.С. (34) член на избирачкиот одбор, поради нарушени меѓусебни односи, му ја фрлил личната карта по што И.М. физички го нападнал. По ова известена е полицијата, а И.М. е приведен.
Исто така, соопштува МВР, евидентирани се осум пријави за фотографирање гласачки ливчиња, од кои расчистени се седум случаи односно седум лица се приведени, од кои четири во Скопје: Д.С. (на гласачко место во ОУ “Ѓорче Петров“); С.А. (гласачко место во ОУ „26 Јули“); Џ.Д. (гласачко место во ПУ „Петар Здравковски Пенко“) и Д.Д. (гласачко место во ОУ “Ѓорѓи Димитров“), две лица во Охрид - Д.Т. (гласачко место во населба Лескоец) и С.А. (гласачко место во музичкото училиште) и уште едно лице Е.А. (на гласачко место во ОУ „Кемал Ататурк“ во Жупа. Против овие лица ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
МВР информира и дека се приведени две лица, на гласачко место во скопско Мирковци и на гласачко место во Кавадарци. Во првиот случај лице гласало во име на својата мајка (таа последовително е повикана на разговор во ПО Мирковци), а во Кавадарци лице гласало во име на својата сопруга, при што од ОЈО Кавадарци настанот е квалификуван како кривично дело - “злоупотреба на избирачко право“ (по чл.161 од Кривичниот законик на Република Македонија.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа