Набљудувачите на МОСТ регистрирале семејно гласање, поткуп и физичка пресметка
Семејно гласање, поткуп и физичка пресметка од страна на гласач регистрирала граѓанската асоцијација МОСТ која ги набљудува изборите.
Набљудувачите на МОСТ забележале семејно гласање во гласачките места 0440, 0445 и 0447 во општина Врапчиште во вкупно 20 случаи каде биле злоупотребени 44 гласови.
Во општина Врапчиште пак, претседателот на изборниот одбор стоел зад параванот додека луѓето гласааат.
Помали нерегуларности со 2 ливчиња се забележани во општина Крива Паланка и со несоодветно користење на УВ ламбата во општина Липково, каде не се користела во периодот од 16.45 па се до затворањето на гласачкото место.
Во гласачкото место 1722, во општина Струмица, сериските броеви на кочанот со гласачки ливчиња не биле последователни. Изборниот одбор не ја повикале ОИК и одлучиле да продолжат со гласањето, но направен е записник. Истата ситуација е забележана и на ГМ 1063 во општина Куманово.
МОСТ регистрирале поткуп пред и во просториите на ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“ во општина Шуто Оризари, а забележале и неовластени лица пред средното училиште Никола Карев во Струмица кои ги евидентирале гласачите.
- На неколку метри од гласачко место 0858 во општина Кочани, имало собрано поголема маса на неовластени лица. ИО веднаш повикал полиција која ги отстранила лицата. На гласачко место 1582, општина Струмица, гласач го фотографирал гласачкото ливче. Иако ИО реагирал и направил записник, сепак му дозволил да го стави ливчето во гласачката кутија - велат од МОСТ.
На гласачкото место 2052, во село Горно Седларце, општина Боговиње, набљудувачите на МОСТ регистрирале гласач кој физички нападнал член на изборниот одбор.
- Членот на ИО неколку пати побарал од гласачот да му ја покаже личната карта, но тој не сакал и ја фрлил кон него личната карта. Била повикана полиција и во присуство на полицијата физички го нападнал членот на ИО. Напаѓачот бил приведен од страна на полицијата - соопштија од МОСТ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа