Груевски: Оваа власт се срами и се плаши од овој голем ден и празник
Веќе десет години, Македонија го слави 23-ти октомври како државен празник, денот на македонската револуционерна борба, денот на основањето на МРО, подоцна ВМРО. Оваа година е прва година кога не само што се прекинува традицијата на доделување на државната награда 23-ти октомври, туку и очигледна е назаинтресираноста на новата власт кон одбележување на овој празник. Затоа, сме ние тука ,истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на денешната Свечена академија по повод “Денот на Македонската револуционерна борба“.
-Кога оваа власт се срами и се плаши од овој голем ден и празник, тука сме ние, ВМРО-ДПМНЕ да го одбележиме, прославиме, да се потсетиме и инспирираме од минатото, македонското револуционерно минато за слободата на Македонија. Во годината во која новата власт, без никаква јавна дебата, без консултација со стручната и пошироката јавност, без да го праша народот за тоа, во негово име потпиша договор со една соседна држава со кој објави дека до 1944 година нашата историја била дел од историја на таа соседна држава и дека во тој правец планира да ги менува учебниците по историја во Македонија, разбирливо е зошто бегаат од прославата на овој празник. Истовремено најавија и уште една промена на учебниците по историја, по теркот на една друга соседна држава. Ова е година кога за прв пат нашата историја стана алатка за политички преговори, доаѓање и останување на власт. Менувањето на нашата историја, откажувањето од нашиот јазик, име и идентитет, стана алатка за некој да дојде и да се задржи на власт. Ние сме партија, која гледа, која е фокусирана кон иднината, кон подобрата и поуспешна иднина на нашата држава и народ, но не бега и не се плаши од минатото и од историјата, ниту пак ја сквернави или злоупотребува. Напротив, тоа минато и сите тие жртви, ни даваат поттик, посеризно и поодговорно да пристапуваме кон секој нареден чекор поврзан со иднината, затоа што знаеме со колку крв, жртви и маки од нашите предци е стекнато она во кое денес ние слободно живееме како во своја држава- Република Македонија, рече Груевски.
Тој порача дека иднината на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ја гледа како дел од големото европско семејство, како дел од ЕУ и НАТО и во добри односи со соседите.
-Но, тоа не значи дека треба да го избришиме или да се срамиме од нашето минато, или да го препуштаме други држави да ни го интерпретираат или преправаат, согласно нивните државни интереси. Живееме во тешки времиња, со големи искушенија и големи идеали. Но во какви времиња живееја нашите основачи? Основачите знаеја дека ќе треба време за да се оствари идејата, но знаеја дека најпрвин – идеја мора да има! И ја создадоа идејата, за идејата потоа да ја создаде организацијата, а организацијата го создаде делото! Делото е слободна, суверена и независна Македонија. Не им беше воопшто лесно, ниту пак едноставно, но имаа решителност и одлучност. И подготвеност за високи лични ризици. Се будеа, живееа и си легнуваа со помислата на слободата и правдата, со помислата на Македонија. Инспирираа, мотивираа, организираа, планираа, твореа и се бореа за она во што веруваа. Слободна земја на слободни луѓе. Да бидеме свои на своето. Насекаде низ својата земја, во секое село и во секој град, и дење и вечер, и во лето и во зима. Тие беа со народот, и кога беше воскликот на победата, и кога беше тагата на загубата, тие стануваа велики при најголемите искушенија и при најголемите иницијативи. Искушенијата ги доживуваа како тест на верата, вербата и довербата, живеејќи со пулсот на своите собраќа и сосестри. И никогаш не отстапија од своето верују. И затоа победуваа и кога добиваа и кога губеа битка. И кога го напуштаа овој свет, кога нивните очи за последен пат гледаа во соборците околу нив, во семејството над нив, или пак одеа во мир сосема сами мислејќи на децата, жената, мажот, родителите, кога им прелетуваа мислите за животот во тој последен грч, кога се збогуваа тие гледајќи во небото завршуваа со еден шепот на нивните усни – Македонија, порача Груевски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа