Во Штип вкупно 138 болни и изнемоштени лица ќе гласаат во вториот круг на локалните избори

 

Сто триесет и осум болни и изнемоштени лица ќе гласаат во вториот круг на локалните избори во своите домови информираше на денешната прес-конференција претседателката на Општинската изборна комсија (ОИК) – Штип, Сенка Андреева.

Таа забележа дека во првиот круг гласаа 88 лица, а за вториот круг им пристигнале вкупно 71 барање.

 

– Во текот на вчерашниот ден имавме состанок со лекар специјалист, кој ги виде сите апликации поднесени за болни и изнемоштени лица. Имавме пријави од 71 лице, од кои 50 се одобрени, а 20 се одбиени. Така да со 88 лица од претходниот круг и сега со овие 50, значи имаме вкупно 138 лица кои ќе гласаат во своите домови на 28 октомври, ден пред одржувањето на вториот круг, вели Андреева.

Таа истакна дека имаат неколку барања од членови на избирачки одбори да бидат изземени од спроведувањето на изборите на 29 октомври, поради здравствени проблеми, скршеници на екстремитети или претходно планирано патување во странство. Одлуките ќе бидат донесени, а откако ќе биде информирана и Државната изборна комисија на членовите кои бараат изземање во текот на наредните денови ќе им бидат соопштени.

Во Штип на 29 октомври се гласа за избор на градоначалник. Право на глас имаат 42.083 гласачи, а се гласа на вкупно 80 избирачки места.

МИА

 

 

 

24.10.2017 - 13:44

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега