Захариев: Во вториот круг битката ја бијам со целата Влада
Кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Општина Штип, Илчо Захариев на денешната прес-конференција истакна дека битката во кампањата за вториот круг на Локалните избори ја бие со, како што рече, целата Влада на Зоран Заев и со дел од припадници на СВР-Штип, а не со неговиот послаб противкандидат.
- Во овој миг битката ја бијам против целата Влада на господинот Зоран Заев. Значи цело време се присутни овде во Штип и тоа покажува дека колку е значаен Штип, но ми дадоа и некое значење. Јас мислев дека сум мал градоначалник, дека сум безначајна фигура. Сега гледам колку сум бил важен за овој град и колку е важно Штип да добие прав градоначалник, рече Захариев.
Тој тврди дека на граѓани им се делени прехранбени производи и чевли, а вработени во јавната администрација кои се под ингеренции на централната власт и членови на Избирачки одбори трпат притисоци и уцени од страна на СДСМ, за што јасно говори, како што рече, во недела имаат намера да вршат лажирање на изборите. Захариев забележа дека сепак граѓаните знаат да препознаат вистинска програма, а во изминатите четири години се реализирани 450 проекти.
- Отиња не можете да ја заборавите, патеката за шетање покрај коритото на река Брегалница, Мултимедијалниот центар, Зоолошката градина, 160 асфалтирани улици, комплетна инфраструктура во селата. Тоа го направивме ние, вели Захариев.
Тој додаде дека граѓаните на Штип на 29 октомври ќе гласаат за вистински и реални проекти, а вечерта на Градскиот плоштад заеднички ќе ја прослават победата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа