Дури пет случаи на семејно гласање, инциденти на гласањето - МОСТ увиде низа нерегуларности
На две избирачки места во општина Шуто Оризари забележани се по пет случаи на семејно гласање, а на едно избирачко место во истата општина осум вакви случаи, информира Граѓанската асоцијација МОСТ на третата прес-конференција.
Златко Димитроски од МОСТ соопшти дека по пет случаи на семејно гласање се евидентирани на гласачките места 2957 и 2958, а осум случаи на семејно гласање имало на гласачкото место 2959 во Шуто Оризари.
Набљудувачите на МОСТ на две избирачки места во општина Демир Капија евидентирале поголем број лица кои гласаат со придружба и тоа на гласачкото место 1238 забележани се 21 ваков случај и на гласачкото место 1239 евидентирани се 23 случаи. Избирачките одбори ја почитувале постапката и ги евидентирале имињата на лицата кои помагале во дневникот од Избирачкото место.
Во општина Шуто Оризари на гласачкото место 2955 забележани се три случаи во кои членовите на избирачкиот одбор им помагале на лица да гласаат и им кажувале за кого да гласаат, а на гласачкото место 2960 во истата општина гласањето било прекинато во период од половина час поради тоа што УВ-ламбата не функционирала. Направен е записник, а гласањето продолжило.
Во селото Неготино во општина Врапчиште на гласачкото место 0440, како што информира Димитриоски, УВ-ламбата не функционира од 13 часот при што Општинската изборна комисија не била известена, а гласањето не било прекинато, додека во селото Бање, општина Чешиново- Облешево, на гласачкото место 0886 гласач одбил да биде обележан со невидливо мастило и му било дозволено да гласа.
Гласањето било прекинато во период од 20 минути поради тоа што УВ- ламбата не функционирала и на гласачкото место 2949 во општина Бутел. Член на Извршниот одбор набавил нова ламба од ОИК и гласањето продолжило. Во оваа општина на гласачките места 2929 и 2930 двајца гласачи се потпишале на несоодветно место во Избирачкиот список при што избирачките одбори направиле записници за двата случаи.
Во општина Чаир на гласачкото место 2928 гласач го фотографила гласачкото ливце при што била повикана полиција и гласањето за кратко било прекинато, додека во селото Мојно, општина Могила на гласачкото место 0223 член на Извршниот одбор му помогнал на едно лице да гласа.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа