Мицкоски ветува нов автопат Велес – Битола и завршување на пругата кон Бугарија
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во пресрет на предвремените парламентарни избори денеска објави дека се обврзува на инвестиции во патната инфратсруктура во износ од две милијарди евра. Меѓу тие проекти се изградба на нов автопат од Велес до Битола, довршување на автопатите Кичево – Охрид и Скопје – Блаце, на експресните патишта, како што рече денеска на прес-конференција, почнати во време на последниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ, но и нови од Куманово до Крива Паланка, Битола до грчка граница и од Струмица до границата со Бугарија.
„Се обврзуваме на обнова која ќе донесе автопатско поврзување на Скопје со Битола, тоа ќе значи градба на нов автопат од Велес преку Прилеп до Битола. Ќе изградиме автопат по кој од Скопје до Битола ќе се патува за час и половина. Ова значи нова патна артерија, нов коридор односно ново автопатско поврзување од Велес, Чашка, Прилеп па се до Битола, кој е од стратешко значење за Пелагонискиот крај и еден милион граѓани“, рече Мицкоски.
Тој ветува нов асфалт и целосна реконструкција на 1.000 километри регионални државни патишта, 300 милиони евра инвестиции во изградба на нови водоводи и канализации низ целата држава, набавка на пет нови возови за подобри услови во железничкиот сообраќај и сериозна модернизација на возниот парк.
„Се обврзуваме на обнова која ќе значи изградба на пруга Битола до Грција и пруга за Бугарија која многупати во минатото беше ветувана, но конечно денеска можеме да ветиме дека тоа во мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја завршиме“, наведе Мицкоски.
Ветува дека ќе обезбеди и нови евтини авио летови до главните европски аеродроми и поврзување со европските центри, како и дека ќе работи на воведување прекуокеански летови до САД за поевтина и полесна комуникација.
Обновата, што сака да ја спроведува, опфаќа и како што вели, целосна дигитализација на Катастарот за нулта корупција.
„Се обврзуваме на обнова која ќе обезбеди нови евтини авио летови до главнит европски аеродроми и поврзување со европските центри. Воедно ќе работиме и за обезбедување на за прв пат прекуокеански летови до САД за поевтина и полесна комуникација.
Се обврзуваме на обнова која ќе значи целосна дигитализација на Катастарот за нулта корупција. Ова ќе значи поедноставени процедури за граѓаните и борба против митото и корупцијата за добивање на услуги кои им следуваат на самите граѓани.
Имаме мноштво на мерки, и ова се само дел од мерките од нашата програма кон која се обврзувам и обновата за која ќе се избориме. Ова се мерки и обнова која ќе донесе градежен и инфраструктурен бум.
Инвестициите во инфраструктурата се инвестиции во иднината и економскиот развој, наш двигател на над триесетина стопански дејности кои директно или индиректно се поврзани со градежништвото, транспортот и инфрасктруктурата.
Само со овие мерки ќе се обезбеди раст на градежништвото од просечни 30-тина проценти во време на нашиот мандат што значи 30-тина проценти повеќе плати, повеќе работа, повеќе развој на економијата, повеќе за секого.
Внимателно се обмислени, и нема да ветам нешто што нема да го исполниме. И затоа внимавам што ветуваме, со чесност и честитост, со работа и многу работа, со принципи и вредности ќе стигнеме до резултатите кои ги ветуваме и на кои што се обврзуваме.
Инвестициите во инфраструктурата ќе значат обнова која заедно ја планираме со стопанските комори, експертите и тимот на стратешки соработници. Голем дел од проектите се и барање на самите граѓани. Ова е обнова во инфраструктурата која ќе значи повеќе автопатишта, повеќе експресни и нови регионални патишта, повеќе во железничкиот сообраќај, повеќе евтини авио летови, повеќе во комуналната инфраструктура, повеќе за секого. Обновата доаѓа, победата е пред прагот и за тоа ќе се избориме заеднички и силно“, кажа Мицкоски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа