Словенија забрани масовен дочек на новогодишната ноќ на отворено

 

Словенија забрани масовни собири на отворено за време на новогодишната ноќ, но им дозволи на угостителите да работат до раните утрински часови со задолжителни потврди за ковид и негативни тестови за сите, без разлика на Ковид-статусот.

Владата најави епидемиолошка рамка која ќе биде на сила за време на божикните и новогодишните празници и која е многу поблага од лани кога речиси се’ беше затворено.

За разлика од минатата година, полноќните богослужби ќе се одржуваат во црквите, но ќе можат да присуствуваат само вакцинирани лица, оние кои преживеале ковид-19 или имаат негативен тест, пренесе „Хина“.

За време на божикните и новогодишните празници – на 24, 25 и 31 декември, како и на 1 јануари, ќе биде дозволено да се соберат лица од најмногу три домаќинства, под услов претходно да се тестираат сите постари од шест години, соопшти словенечката влада.

Валидноста на брзиот антигенски тест е скратена на 24 часа, а ПЦР на 48 часа.

Во рестораните е дозволена и музика во живо, а гостите ќе можат да се тестираат непосредно пред да влезат во просторот.

Во Словенија во последните 24 часа се потврдени 1.203 новозаразени со коронавирус, а две заболени лица починале, соопшти словенечкиот Институт за јавно здравје, додека епидемиолозите и покрај подобрувањето на епидемиолошката состојба предупредуваат на внимателност за време на празниците.

„Ситуацијата е подобра и има помалку хоспитализации, но сè зависи од ширењето на вирусот омикрон бидејќи се смета дека е поприсутен отколку што покажуваат анализите“, рече Татјана Лејко Жупанц, инфектолог и раководител на клиниката за заразни болести во Љубљана.

24.12.2021 - 18:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега