Албанија, како депозит, на Косово ќе му даде 7.680 мегават часови електрична енергија

 

Албанија ќе му помогне на Косово во енергетската криза низ која минува деновиве, со испорака на 7680 мегават часови електрична енергија за новогодишните празници, како депозит, без финансиски импликации.

По најавата на албанскиот премиер Еди Рама, дека ќе им помогне на семејствата во Косово за двата празнични дена да не им недостасува струја, министерката за инфраструктура и енергетика, Белинда Балуку информираше дека е донесена одлука за испорака на струја за Косово на 31 декември и први јануари.

 

-Албанија ќе го снабди Косово со 7680 MWh за 31 декември 2021 година и 1 јануари 2022 година во форма на депозит и без финансиски ефект. Оваа количина ќе треба да и ја врати на Албанија во текот на летото 2022 година, во периодот од јуни до септември. Наша должност е да им понудиме услуга на нашите браќа. Тоа е посебна наредба од премиерот, рече Балуку.

Рама синоќа на Твитер искажа загриженост во врска со енергетската криза во Косово, наведувајќи дека побарал од министерството за енергетика да ја разгледа секоја можност за помош за косовската влада, со цел ниту едно семејство во Косово да не остане без струја за новогодишната ноќ и празниците.

-Не може да не поделиме со Косово онолку колку што имаме. Со голема загриженост ја следам состојбата таму. Ќе ја разгледаме секоја можност на семејствата да не им недостига електрична енергија за новогодишните празници, напиша Рама.

Додава дека бранот на енергетската криза и се заканува на секоја земја, но без оглед на тоа „постојните можности не може а да не ги подели и со Косово"

29.12.2021 - 11:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега