Орбан му се јавил на Путин: Ова се најопасните недели од војната

 

Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави дека му се јавил на рускиот претседател Владимир Путин и разговарал со него еден час.

„Зборував со претседателот Путин еден час утрово: ова се најопасните недели од руско-украинската војна. Ние го преземаме секој можен дипломатски чекор со цел прекин на огнот и мировни преговори“, објави Орбан на „Икс“, поранешен „Твитер“.

И Кремљ потврди дека двајцата лидери разговарале телефонски додавајќи дека повикот бил инициран од канцеларијата на Орбан.

Повикот се случува по посетата на Орбан на Флорида, каде што се сретна со новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп. Тоа беше втор разговор на Путин со европски лидер во последните неколку недели бидејќи рускиот претседател неодамна телефонски разговараше со германскиот канцелар, Олаф Шолц.

„Виктор Орбан изрази интерес за промовирање заедничка потрага по политичко и дипломатско решение на кризата, вклучително и земајќи ги предвид неговите контакти со голем број западни лидери“, соопшти Кремљ мислејќи на руската војна во Украина.

Според Кремљ, „Владимир Путин ја изразил својата оценка за сегашниот развој на ситуацијата во врска со Украина и деструктивната линија на режимот во Киев, што сепак ја исклучува можноста за мирно решавање на конфликтот“.

Унгарија одржуваше блиски дипломатски и економски врски со Москва дури и по руската инвазија на Украина во 2022 година одбивајќи да испрати воена помош за Киев и гласно се спротивставуваше на санкциите на ЕУ против Русија, иако на крајот гласаше за секој од пакетите.

11.12.2024 - 17:29

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега