Швајцарија ќе ги обновува атомските засолништа
Швајцарија планира да инвестира 250 милиони долари во обнова и надградба на својата мрежа на стари нуклеарни засолништа, мрежа која сѐ повеќе се смета за предност во време на растечка глобална несигурност, особено додека продолжува конфликтот во Украина.
Благодарение на законот од 1963 година, Швајцарија е веќе пред соседите како Германија. Секој од нејзините 9 милиони жители, вклучувајќи странци и бегалци, има безбедно место во засолниште кое ќе ги заштити од бомби и нуклеарно зрачење.
„Во наредните години (на Швајцарија), Конфедерацијата сака да отстрани некои работи од сегашните правила и да обнови некои од постарите засолништа“, изјави за Ројтерс Луис-Анри Деларагез, командант на цивилната заштита за кантонот Вауд.
„Тоа не значи дека се подготвуваме за конфликт, тоа не е пораката, но имаме мрежа на засолништа и мораме да ги одржуваме и да се погрижиме да бидат функционални“, додаде тој.
Деларагез, исто така, рече дека неговата канцеларија забележала зголемен број повици од загрижените жители за засолништа откако Русија ја нападна Украина во 2022 година.
„Одеднаш бевме навистина многу барани, а луѓето сакаа да знаат каде се засолништата, каде им е местото, дали нивното засолниште е подготвено…“, рече тој.
Ројтерс пишува дека повеќето Швајцарци имаат приватни засолништа, но некои се потпираат на комунални бункери.
Заедно со Швајцарија, Финска е втора земја по бројот на изградени засолништа во Европа. Во нејзините јавни засолништа можат да се сместат повеќе од 4,5 милиони граѓани од вкупно 5,6 милиони, а по потреба во нив може да се смести и целото население. Финските закони наведуваат дека секоја зграда поголема од 1.000 квадратни метри мора да има засолниште.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа