До крајот на годината ќе профункционираат паметните камери на улиците
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека до крајот на годината ќе биде имплементиран проектот за поставување камери на улиците кои ќе треба да ги следат прекршоците кои ги прават возачите.
Но, вели дека МВР го очекува многу работа за да се подготви целата процедура.
-Освен што ќе треба да ги инсталираме камерите, освен што ќе треба да ги поврземе со оние потребни оптички кабли итн, освен што ќе треба да ги обезбедиме сите потребни дозволи за тоа, ќе треба да промениме и законска легислатива, ќе треба да ги подготвиме и судовите и УЈП во делот на спроведување на постапките. Ќе треба еден поширок институционален пристап да се има. Тоа го работиме во моментов. Во моментов се изготвува ново законско решение. Верувајте ми, овој проект е многу битен, рече Тошковски.
Вели дека искуствата од странство покажуваат намалување на смртни случаи во сообраќајот по имплементација на вакви паметни проекти. Очекува тоа да се случи и тука.
-Верувајте ми дека бројот на смртни случаи кои ги имаме како последица на сообраќајни незгоди коишто моментално се движи помеѓу 130 и 140 во најмала рака треба да се намали со имплементација на овој проект. Така што, само од овој аспект да гледаме, овој проект е еден од најклучните на МВР коишто мора да бидат имплементирани во иднина. Така што, приоритет ни е, посветени сме, секојдневно работиме на овој проект, рече Тошковски.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа