СЗО пред колапс: Трамп ја доведе до финансиска пропаст

 


Светската здравствена организација (СЗО) одлучи да го „замрзне“ регрутирањето и значително да ги намали патните трошоци како одговор на повлекувањето на Соединетите Американски Држави од организацијата, која е нејзин најголем финансиски донатор, се наведува во интерната порака до вработените.

„Како што знаете, Соединетите Американски Држави најавија повлекување од СЗО. Жалиме за оваа одлука и се надеваме дека новата администрација ќе го преиспита својот став“, напиша генералниот директор на СЗО Тедрос Гебрејесус во пораката до вработените, пишува „Политико“.

Тој нагласи дека оваа одлука на Америка дополнително ја влоши финансиската состојба на организацијата и предизвика значителна загриженост и неизвесност кај вработените. Како одговор, СЗО воведува мерки за штедење кои вклучуваат „замрзнување на вработеноста, освен во најкритичните сектори“, како и „значително намалување на патните трошоци“.

Сите состаноци ќе се одржуваат преку видео врска, освен во исклучителни околности, додека мисиите за обезбедување техничка поддршка на земјите ќе бидат ограничени на најнеопходните.

Други мерки вклучуваат ограничување на замената на ИТ опремата, преговарање за ревизии на големи договори и суспендирање на реновирање на канцелариите и капитални инвестиции, освен ако не е неопходно од безбедносни причини или за да се заштедат трошоци, се вели во извештајот, пренесува медиумот.

Америка ќе ја напушти Светската здравствена организација на 22 јануари 2026 година, објавија Обединетите нации, откако американскиот претседател Доналд Трамп официјално ги информираше за оваа одлука, бидејќи ја обвини агенцијата на ОН за погрешно справување со пандемијата „Ковид-19“ и други меѓународни здравствени кризи, пишува Танјуг.

24.01.2025 - 11:10

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега