РЕК „Битола“: Пепелта е исчистена, проблемот се решава
Во врска со неодамнешните реакции во јавноста за наводите за несоодветно одлагање на пепелта во РЕК „Битола“, АД ЕСМ, подружница РЕК „Битола“, ја информира јавноста за преземените мерки и за континуираните напори за еколошки одговорно работење.
Од таму додаваат дека иако присуството на прашина при поинтензивен ветер е позната појава во изминатите децении поради специфичниот процес на производство, транспортот и одлагањето на пепелта преку 3,7-километарска лента, РЕК „Битола“ активно работи на нејзино минимизирање.
Појаснуваат дека пепелта, како нуспроизвод од производството на електрична енергија, се третира со континуирано навлажнување, проследено со одлагање и засипување со земја.
„Сепак, високите температури и ветерот може да доведат до сушење на површинскиот слој и евентуално подигнување прашина при нејзиното спуштање во касетата.
На 26 март 2025 година Државниот инспекторат за животна средина изврши надзор на одлагалиштето за пепел во РЕК „Битола“. При увидот беше констатирано присуство на поголеми количини пепел, кои отстапуваат од пропишаните во главниот рударски проект за што беше издадено задолжение во рок од 30 дена количините да бидат соодветно одложени и посипани со земја. Инспекторатот не изрече санкции, што укажува на препознавање на напорите на комбинатот за решавање на ова прашање.
Со задоволство информираме дека денес на одлагалиштето што беше предмет на инспекцискиот надзор нема ниеден грам пепел. Целата количина е одложена, а теренот е целосно посипан со земја.
Во насока на долгорочно решение веќе е извршено планирање и поместување на транспортната лента, со што од 25 април одлагањето на пепелта ќе продолжи директно во касета. Водните топови за дополнително навлажнување ќе бидат ставени во функција веднаш по поместувањето на лентата. Дотогаш попрскувањето на одложената пепел се врши континуирано со специјални средства и цистерна“.
Дополнително, како што велат, ги споделуваат и резултатите од мерењата на амбиенталниот воздух спроведени од страна на акредитираната лабораторија „Технолаб“ од Скопје.
„Во согласност со добиените податоци, констатирано е дека во испитуваниот период не е надмината 24-часовната гранична вредност за заштита на човековото здравје за концентрацијата на суспендирани цврсти честички PM 10 во согласност со уредбата за граничните вредности за нивоата и видовите загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух (‘Сл. весник на РМ’ бр. 50/2005 и 183/2017).
Актуелното раководство на РЕК ‘Битола’ е целосно посветено на справување со долгогодишните проблеми и обезбедување одржливо работење на комбинатот според највисоките еколошки стандарди. Ќе продолжиме транспарентно да ја информираме јавноста за сите наши активности во оваа насока“, нагласуваат во соопштението.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа