Обвинителството бара притвор за шестмина осомничени во акцијата „Вардар“
Како резултат на вчерашната оперативна меѓународна акција под кодно име „Вардар“, предметен обвинител од ОЈО Скопје, овластен да постапува во овој предмет што се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против шест лица за кои постои основано сомнение дека како организирана криминална група фалсификувале европска валута – евра во различни апоени. Осомничените, освен кривично дело Злосторничко здружување, сториле и кривично дело – Фалсификување пари, додека на прво и на петто осомничениот им се става на товар дека сториле и кривично дело – Правење, набавување или отуѓување средства за фалсификување. Дополнително, за првоосомничениот постои основано сомнение дека сторил и кривично дело – Перење пари и други приноси од казниво дело.
Од крајот на 2023 година, па сѐ до февруари 2025 година, првоосомничениот заедно со тројца други осомничени создал група што имала за цел вршење на кривично дело Фалсификување пари на територијата на РС Македонија и на територијата на Р Србија, на која група припадници станале четврто и шесто осомничените и српските државјани за кои се води постапка во Р Србија, како и други НН лица.
При претресите се пронајдени и одземени парични средства во износ од околу 1.000.000 евра, но и американски долари, швајцарски франци, израелски шекели, хрватски куни, албански леки, шведски круни и руски рубљи.
Секој член на групата имал определена улога во планот и во извршувањето на кривичните дела. Првоосомничениот, во стан, во населба Чаир, кој го нарекувал своја „канцеларија“, заедно со неговиот син – второосомничениот, ги правел лажните пари во апоени од 50, 100 и 200 евра, а од Република Турција набавувал лажни пари во апоени од 500 евра и 100 американски долари. Трето, четврто и шесто осомничените и останатите членови на групата – српски државјани за кои се води постапка во Р Србија, секој со своја улога пронаоѓале заинтересирани лица за купување на лажните банкноти и вршеле транспорт и дистрибуција на истите до крајните купувачи во Македонија, Србија и Косово. Петтоосомничениот имал задача и улога неовластено да изработува машини за правење лажни пари, гравирани плочи што имитирале сигурносни знаци на пари, како и специјални машини со индуктор и да ги одржува машините, пресите, плочите и другите работи што служат за правење на лажни пари.
Со своите дејствија, во наведениот период, групата во десет наврати преку симулиран откуп на предмети – пари, направиле и пуштиле во оптек лажни пари како вистински во износ од најмалку 119.250 лажни евра, во апоени од 50, 100 и 200 евра во платниот промет на Р Србија за кои добиле противправна имотна корист од најмалку 38.850 евра. Со ваквото пуштање на лажните пари како вистински во платниот промет во РС Македонија, Р Србија и други држави дошло до нарушување на нормалното функционирање во стопанството. Притоа, првоосомничениот парите што за продажба на лажните банкноти ги примал во готово, дел на трансакциска сметка во банка и дел преку услугата брз трансфер на пари на негово име и на име на неговите сопруга и син, ги легализирал подигнувајќи кредити од банка или од финансиските друштва за брзи кредити. Дел од парите си ги исплаќал во вид на плата преку правно лице, дел ги вложил во недвижен и подвижен имот, а најголем дел ги префрлил на е-волет сметка за тргување со криптовалути.
Ценејќи ги околностите, поврзаноста на осомничените, како и кривичните дела што им се ставаат на товар, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје достави Предлог за определување на мерка притвор за шестемина осомничени.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа