Седници на четири собраниски комисии во македонското Собрание

 

Во Собранието денеска седници ќе одржат комисиите за економски прашања, труд и енергетска политика, за политички систем и односи меѓу заедниците, за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање и Законодавно-правната комисија.

Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, по скратена постапка е единствена точка на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.

Членовите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе расправаат по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Предлог-законот за дополнување на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за Народниот правобранител, сите по скратена постапка. На дневен ред на седницата е и Предлог-законот за изменување на Законот за нациoналната инфраструктура на просторните податоци на Република Северна Македонија, во прво читање.

Членовите на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање ќе расправаат по Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за поштенските услуги, по скратена постапка, кои се на дневниот ред и на Законодавно-правната комисија.

Како што е најавено на собраниската веб-страница, денеска претставници на Сојузот на синдикати на Македонија ќе се сретнат со претседателот на Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот Димитар Апасиев. 

13.02.2025 - 07:55

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега