Лавров го пофали Трамп, ја нападна ЕУ: „Не ни се допаѓа што Европејците го поддржуваат Зеленски“
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска ја пофали прагматичната цел на американскиот претседател Доналд Трамп за ставање крај на војната во Украина, но ја нападна Европа за нејзините напори да го продолжи конфликтот, пренесоа руските агенции.
Од инаугурацијата на Трамп на 20 јануари, американскиот претседател значително ја промени американската надворешна политика во споредба со онаа што ја водеше неговиот претходник Џо Бајден и се приближи до Москва.
Тој завчера влезе во сериозен вербален конфликт со украинскиот претседател Володимир Зеленски пред камерите во Белата куќа, што фрли сомнеж за континуираната поддршка на Вашингтон за Киев.
Лавров рече дека САД се уште сакаат да бидат најмоќната земја во светот и дека Вашингтон и Москва никогаш нема да се договорат за се, но дека се согласиле да бидат прагматични кога интересите ќе се поклопат.
„Доналд Трамп е прагматичар“, изјави Лавров за рускиот воен весник Краснаја звезда, според транскриптот објавен од Министерството за надворешни работи.
„Неговиот слоган е здрав разум. Тоа значи, како што секој може да види, има промена кон поинаков начин на вршење на работите. Но, целта сепак е МАГА (Направете ја Америка повторно голема)“, рече Лавров, мислејќи на политичкиот слоган на Трамп.
„Тоа и дава жив, човечки карактер на политиката. Затоа е интересно да се работи со него“, додаде тој.
Лавров ја критикуваше Европа, велејќи дека во текот на изминатите 500 години, Европа била во фокусот на „сите трагедии на светот“, вклучувајќи ги колонизацијата, војните, крстоносните војни, Кримската војна, Наполеон Бонапарта, Првата светска војна и Адолф Хитлер.
„И сега, по мандатот на (поранешниот американски претседател Џо) Бајден, дојдоа луѓе кои сакаат да бидат водени од здравиот разум. Тие директно велат дека сакаат да стават крај на сите војни, сакаат мир“, рече Лавров.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа