Кирил Пецаков: Размислувам за нова кандидатура за градоначалник на Охрид
Прес24: Општина Охрид доби поддршка за сите 10 проекти со кои аплицираше на првиот јавниот повик за финанасирање на инфраструктурни проекти на Владата. Повеќето од нив се однесуваат на реконструкција на улици, пешачки премини, канализации. Во тек е вториот повик за аплицирање на проекти, дали испративте комплетна документација до локална самоуправа? Со колку проекти ќе аплицирате?
Пецаков: Општина Охрид интензивно се подговтвува за аплицирање на вториот Јавен повик за финанасирање на инфраструктурни проекти од Владата. Тимовите во локалната самоуправа деновиве посветено работат на подготовка на комплетната документација, а нашата цел е повторно да аплицираме со максимален број проекти.
Како и во првиот повик и овој пат ќе се фокусираме на инвестиции кои ќе придонесат за подобарување на квалитетот на живеење во целата општина. Тоа значи осовременување на сообраќајната и комуналната инфраструктура во приоритетните зони на урбаните и руралните населби. Посебен фокус е ставен на решавање на проблемот со паркирање во градот и проектот за изградба на Катна гаража.
Прес24: До каде е реализацијата на претходните 10?
Пецаков: Процесот на реализација на инфраструктурните проекти тече согласно предвидените рокови. Во финална фаза се проектите за реконструкција на улици во село Пештани; реконструкција на улица во село Подмоље; реконструкција на улица во село Опеница која води до црквата „Свети Кузман и Дамјан“; реконструкција на локален пат од крстосница за село Рамне до црква „Свети Атанасиј“. Во текот на наредниот период ќе бидат реализирани и останатите проекти кои се во интерес на граѓаните и ќе придонесат за подобри инфраструктурни и комунални услови.
Прес24: Министерството за култура, сега веќе го опфаќа и туризмот. Охрид е навистина значаен за туризмот, како минува зимската сезона? Дали се инвестира во зачувување на туризмот? Кои културни објекти треба да се реставрираат?
Пецаков: Со своите потенцијали Охрид е туристички центар кој треба живее во текот на целата година, не само во летото. Задоволни сме што зимската сезона покажува позитивни резултати, со зголемен број посети во периодот на Новогодишните и Божиќните празници и во периодот на Богојавленските чествувања. Имавме богата забавна програма која придонесе да имаме поголем број на гости. Очекуваме позитивни статистики за бројот на туристи и во пролетните месеци. Веќе имаме одлична соработка со Министерството за култура и туризам, кое ќе има клучна улога во поддршката на туристичкиот развој. Под нивна надлежност во текот на наредниот период ќе се реализираат низа проекти за зачувување и промоција на културното наследство во старото градско јадро, како и одредени археолошки локалитети кои заслужуваат дополнителна заштита и афирмација.
Прес24: Доаѓаат локалните избори, политичките партии веќе почнаа да го копаат теренот. Размислувате ли за повторна кандидатура?
Пецаков: Мој приоритет во моментов е реализацијата на проектите и исполнување на програмата која ја ветивме пред граѓаните. Покажавме како може чесно и домаќински да се нижат одлични резултати. Среќен сум што секојдневно ја добивам поддршката од моите сограѓани и тие се главниот мотив да продолжам да се борам и да придонесам во развојот и напредокот на нашиот Охрид. Врз основа на сето тоа, сметам дека имам кредибилитет да ја поднесам мојата кандидатура за следните локални избори и да ја барам поддршката на охриѓани за уште еден мандат. Одговорот на ова ваше прашање е - Да -размислувам за повторна кандидатура.
Прес24: Што се разликува Охрид денес од периодот пред вашиот мандат?
Пецаков: Добро е познато дека Охрид долги години беше најзадолжената општина во државата, со блокирана сметка и ограничени можности за функционирање. Но, благодарение на тимската работа, стратешкото планирање и дисциплината во трошењето, успеавме ефикасно да го завршиме процесот на раздолжување и да ја одблокираме банкарската сметка. Горд сум што од финансиски проблематичен субјект, Охрид сега е пример за успешна и стабилна локална самоуправа, подготвена за развој и нови капитални инвестиции.
Паралално со успесите на финансиско поле, во изминатите три години реализиравме и низа проекти кои директно го подобрија квалитетот на живот во сите села и населби. Вложивме значителни средства за реконструкција на сообраќајната мрежа, поставивме нова комунална инфраструктура, ги унапредуваме условите во образованието, ги подобривме услугите на јавните претпријатија, изградивме нови спортски и детски игралишта и дадовме голема поддршка на културата и спортот. Охрид заслужува да биде пример за модерен и добро организиран град, кој ќе ги задоволи потребите на своите граѓани и ќе биде гордост за сите. Пред нас се нови предизвици и амбиции да го продолжиме патот на развојот и да инвестираме во иднината на идните генерации.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа