Кочани тагува: Училиштата со комеморативни собири за жртвите од пожарот

 


Во двете средни општински училишта во Кочани денеска напладне се одржаа комеморативни собири за учениците кои настрадаа во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.

Во длабока тишина, ученици, професори, вработени во СОУ „Гошо Викентиев“ и претставници од Општина Кочани се потпишаа во книгата на жалоста и запалија свеќи за нивните прерано починати врсници Димитар Иванов и Леонид Велков.

Собир на тишината се одржа и во СОУ „Љупчо Сантов“ каде соученици, роднини и пријатели им оддадоа почит на загинатите ученички Сара Јорданова, Надица Наунова и Сара Алексова, а се потпишаа во книгата на спомени и на ѕидни паноа. Дваесетина ученици од ова училиште кои се здобија со потешки повреди во несреќата се на лекување во странство.

Во кратките комеморативни обраќања професорите Ненад Ѓорѓиев Вржалски и Магдалена Антовска ја истакнаа неизмерната болка и тага од загубата на учениците кои засекогаш ќе останат во сеќавањата, а изразија верба и поддршка дека повредените ученици ќе закрепнат и повторно ќе се вратат во училишните клупи.

Директорите на двете средни училишта информираа дека со поддршка од психолози се одржани обуки за наставничкиот кадар, а во наредниот период ќе се организираат работилници за психолошка поддршка на учениците.

19.03.2025 - 14:03

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега