Иван Јорданов: Резултатите од мојата работа - најдобар одговор на секое изборно прашање

 

Резултатите од мојата работа сакам да бидат најдобриот одговор на секое изборно прашање, вели актуелниот градоначалник на Штип Иван Јорданов. 

„Тоа ќе го кажат граѓаните. Мојата цел во овој момент е целосна посветеност на развојот на Штип и реализација на проектите што ги ветивме. Секој ден работиме на подобрување на инфраструктурата, урбанизмот, образованието, спортот и сите сегменти важни за граѓаните. Верувам дека резултатите од нашата работа ќе бидат најдобриот одговор на секое изборно прашање.“ - вели Јорданов во интеревјуто за Прес24 прашан дали размислува за нова изборна трка.

Прес24: Кои проекти се реализираат со парите од првиот повик на Владата за поддршка а општините?

Иван Јорданов: Средствата од првиот повик на Владата се наменети за изградба на обиколницата што ќе ги поврзе населбите Железничка, Пребег и викенд-населбата Плуждино. На овој начин ќе се поврзат двата влеза на градот Штип со изградбата на обиколницата. Со овој проект општината аплицираше на владиниот повик за искористување на 100 милиони евра наменети за инфраструктурен развој. Новата сообраќајна артерија ќе овозможи урбанизирање на овој дел од градот кој беше запуштен и се користеше како дива депонија. Ќе овозможи полесно поврзување на жителите од останатите населби, побрз проток на возила, но крајната цел е да се создаде развој и можност за зони за домување и индустрија, нешто што на градот му е неопходно. Перспективно планираме развој на овој дел од градот и можност за урбанизација. Во исто време, подготвуваме нови проектни апликации за вториот повик, со цел да обезбедиме дополнителни средства за развојни проекти кои ќе го подобрат квалитетот на живот во нашиот град. Веруваме дека со добра подготовка и соработка ќе успееме да реализираме уште повеќе значајни инвестиции за Штип.

Прес24: Веќе најавивте аплицирање со повеќе проекти и на вториот повик. Со што ќе аплицирате и колкав е буџетот кој може да го доби општината?

Иван Јорданов: Општина Штип активно работи на реализација на капитални проекти кои ќе го подобрат квалитетот на животот на нашите сограѓани. Во рамки на вториот повик, аплициравме со повеќе значајни проекти кои ќе придонесат за инфраструктурен и урбан развој на нашиот град. Еден од клучните проекти е реконструкцијата и изградбата на калето на Тврдината Исар, за што е предвидена инвестиција од 1,6 милиони евра. Овој проект има огромно културно и туристичко значење за Штип и ќе ја врати автентичноста на овој историски локалитет. Дополнително, аплициравме за продолжување на булеварот „Гоце Делчев“ на излезот од Штип, изградба на нова сообраќајница во централното подрачје, новa платформа на реката Отиња, нов парк во Кежовица и кружен тек на булеварот „Партизанска“. Овие проекти се дел од нашата визија за модернизација на Штип и обезбедување подобри услови за граѓаните. Веруваме дека со поддршка од надлежните институции ќе обезбедиме финансиски средства за нивна успешна реализација.

Прес24: Неодамна го нарековте Штип градилиште. Кои се поважните проекти за градот кои се реализират во моментов?

Иван Јорданов: Општина Штип активно работи на реализација на значајни инфраструктурни проекти кои имаат директно влијание врз квалитетот на живот на граѓаните. Во моментов, фокусирани сме на неколку клучни проекти, меѓу кои:

Изградба на мега паркот „Иднина“, модерен и функционален простор за одмор, рекреација и спорт, кој ќе претставува нова зелена оаза во срцето на градот. Поставување на конзоли на реката Отиња, што ќе овозможи дополнителен простор за движење и подобрување на урбаното уредување во овој дел на градот. Замена на застарената водоводна мрежа, која е во употреба повеќе од 50 години, со што ќе се подобри водоснабдувањето и ќе се намалат загубите на вода. Реконструкција на повеќе од десетина улици, со што значително ќе се подобри пристапноста и безбедноста во сообраќајот. Како дел од останатите проекти се предвидува и уредување на влезовите на станбените згради, а со крајна цел за подобрување на хигиената, естетиката и функционалноста на урбаните целини.

Прес24: Еден од проектите кој привлече внимание е мегапаркот „Иднина“ – зелена зона која ќе простира на околу 70.000 метри квадратни. Кога штипјани ќе можат да уживаат во оваа урбана зона?

Иван Јорданов: „Мегапаркот „Иднина“ е еден од капиталните проекти со кој Штип ќе добие нова зелена оаза на површина од 70.000 квадратни метри. Работните активности се одвиваат според предвидената динамика, и очекуваме паркот да биде целосно завршен и ставен во функција во текот на летните месеци. Оваа урбана зона ќе понуди модерни содржини за одмор, рекреација и спорт, претставувајќи значајно унапредување на квалитетот на живот за сите штипјани.

Прес24: Скопје со нетрпение очекува почеток на функционирањето на системот за контрола на безбедноста во сообраќајот популарно наречен Сејф Сити. Кога Штип може да очекува ваков систем и дали е потребен според вас?

Иван Јорданов: Системот за контрола на безбедноста во сообраќајот, популарно наречен „Safe City“, е неопходен за зголемување на безбедноста на граѓаните и заштита на јавните добра. Во текот на оваа година, во Штип ќе бидат поставени 200 камери на клучни локации, со што ќе се овозможи подобар надзор, превенција на јавните добра и санкционирање на прекршувањата во сообраќајот и јавниот ред. Овој систем ќе придонесе за поголема сигурност и дисциплина во сообраќајот, што е во интерес на сите учесници.

Прес24: Се најавуваат измени на законот за локална самоуправа кои ќе предвидат можност за одговорност на градоначалникот и негово отповикување од функцијата. Дали според вас до сега некои ваши колеги го злоупотребуваа фактот дека не постојат законски механизми за разрешување?

Иван Јорданов: Секој механизам што ја зголемува транспарентноста и одговорноста во локалната самоуправа е добредојден, бидејќи крајната цел на нашето работење е доброто на граѓаните. Ако измените во Законот за локална самоуправа предвидуваат дополнителна контрола и механизми за отчетност, тоа само ќе придонесе за зголемување на довербата во институциите. Во секоја општествена сфера постојат примери на одговорно и неодговорно работење, но важно е да создаваме систем кој ќе ги охрабрува добрите практики и ќе спречува можни злоупотреби. Верувам дека секој одговорен градоначалник, кој чесно и посветено работи во интерес на своите сограѓани, нема причина да стравува од вакви законски измени. Напротив, тие можат да бидат дополнителен поттик за квалитетно и транспарентно управување со општините.

Прес24: Дали има потреба слични механизми да се утврдат и за одговорност на локалните совети?

Иван Јорданов: Да, сметам дека е важно да се утврдат слични механизми и за одговорноста на локалните совети. Советниците се избрани претставници на граѓаните и нивна обврска е да бидат отчетни за својата работа, редовно присуство на седниците и одлуките што ги носат. Транспарентноста и активното вклучување во работата на Советот се клучни за градење доверба кај граѓаните. Секој носител на јавна функција, без разлика дали е градоначалник или советник, треба да работи во интерес на јавноста и да биде подготвен да одговара за своето работење.

Прес24: На локалните избори во 2021-ва победивте уште во првиот круг. Дали се подготвувате за нова изборна трка?

Иван Јорданов: Тоа ќе го кажат граѓаните. Мојата цел во овој момент е целосна посветеност на развојот на Штип и реализација на проектите што ги ветивме. Секој ден работиме на подобрување на инфраструктурата, урбанизмот, образованието, спортот и сите сегменти важни за граѓаните. Верувам дека резултатите од нашата работа ќе бидат најдобриот одговор на секое изборно прашање.

 

 

09.03.2025 - 12:25

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега