За Мицкоски неприфатливо Таравари да соработува со ДУИ - Министерот вели „не се седи на две столици"
Дали ќе се оди на предвремени парламентарни избори заедно со локалните во октомври, ексклузивно зависи од ВМРО-ДПМНЕ. Ова вчера го изјави министерот за здравство и лидерот на крилото на Алијанса за Албанците, кое е дел од власта, Арбен Таравари.
– Дали ќе се оди на парламентарни избори тоа ексклузивно зависи од ВМРО-ДПМНЕ. Ако тие одлучат така, тогаш мора да се оди. Начелно сметам дека прво треба да има локални, па идната година да се оди со предвремени парламентарни. Меѓутоа ако дојде до ситуација да имаме двојни избори, тогаш ние ќе се подготвуваме и ќе дадеме максимум за добри резултати. На две столици не можеме да седиме, рече министерот Таравари по настан за одбележување на 30 години УНДП во Македонија.
Инаку, крилото на Алијанса за Албанците што го предводи Арбен Таравари, го формираше и првиот изборен штаб во Гостивар, а за претседател е назначен Исак Љазами.
Неделава Мицкоски се сретна со лидерите на коалицијата „Вреди“ Биљал Касами, Изет Меџити и Зеќирја Ибрахими. Средбата, според информациите од Владата, поминала во конструктивна амтосфера, пријателски и партнерски дух. Се разговарало за сите реформски прашања, за борбата против криминалот и промените во системот што го оставиле СДСМ и ДУИ. Од Владата информираат дека разговорите продолжуваат.
Мицкоски претходно оствари средба и со Таравари која заврши без епилог, но од Владата за медиумите соопштија дека поминала во конструктивен дух. Разговорите продолжуваат и во текот на месецов ќе се знае иднината за функционирањето на АА. Премиерот Мицкоски на средбата ги потврдил претходно изнесените позиции.
Премиерот претходно изјави дека Таравари има две опции да биде во Владата - за реформи и промени или да биде со оние кои две децении ја криминализираа државата. Таравари изјави дека нема договор со ДУИ, и дека кога ќе има, нема да претендира да биде повеќе дел од Владата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа