Дурмиши: Ако има поскапувања без причина, ќе има нови поригорозни мерки
Нови поригорозни мерки ќе бидат воведени доколку државниот пазарен инспекторат утврди енормно зголемување на цените на производите откако се укинаа мерките кои важеа до крајот на април, рече денес министерот за економија и труд Бесар Дурмиши. Тој денес кажа дека официјалните податоци за изминатиот период додека беа замрзнати маржите покажуваат намалување на инфлацијата.
„Официјалните податоци покажуваат дека инфлацијата за април е практично нула. Во споредба со март има покачување од 0,6 %. Во споредба со април минатата година инфлацијата е 2,6 % што значи дека не надминува 3 % и е во стабилна фаза. Цените на храната се речиси непроменети, само 0.3% годишно зголемување и мора да потенцирам дека ако го споредиме месецот април со месец декември 2024 година имаме дефлација од 1,35 %. Значи имаме намалување на инфлацијата“, рече министерот Дурмиши.
Овој месец Државниот пазарен инспекторат ќе прави и редовни и вонредни контроли на цените и кај трговците и кај дистрибутерите и кај производителите и ќе подготви извештај врз основа на кој ќе се димензионираат нови, поригорозни мерки доколкусе утврди дека покачените цени немаат економска оправданост.
„Може да ја прошириме листата со која ќе бидат опфатени производи за ограничување на маржата односно ова што го имавме сега како мерка, може да ставиме повеќе производи, може да го покачиме процентот на маржата, да видиме кои се тие можности за поригорозна мерка. Ова го кажувам за да ги известам трговците, производителите и дистрибутерите да не се однесуваат девијантно, да не ги покачуваат цените без економска оправданост. Ако има покачување ќе има поригорозни мерки. Се вршат контроли“, рече министерот Дурмиши.
На забелешките дека има хигиенски производи кои се и по 60 денари поскапи откако заврши мерката министерот Дурмиши рече дека прво треба Државниот пазарен инспекторат да го утврди тоа, да ги извести за секторот во Министерството за економија да направи анализа кои построги мерки да бидат донесени.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа