Перински: Собрав искуство што ми дава да верувам во себе дека можам многу да направам за Скопје
„Сметам дека Град Скопје има огромен потенцијал, но повеќе од извесно е дека му треба нова, долгорочна стратегија, која пред сѐ, ќе биде одржлива и ќе се базира врз основа на потребите на граѓаните. Бев активно вклучен во креирање на политики за локален развој, што индиректно и ми дава предност во насока на тоа да сум убеден и да верувам во себе, во делот на квалитет и на квалитетни решенија кои можам да им ги испорачам на скопјани“, истакна министерот за локална самоуправа, Златко Перински, во вечерашното гостување во Дневникот на МРТ. Како еден од потенцијалните градоначалнички кандидати за Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, тој оцени дека за жал, изминативе години, Скопје се бори за најосновните потреби кои би требало да ги испорачува локалната самоуправа. Се зборува за немање на јавен превоз, за несоодветно одлагање на смет, работи, за кои, според Перински, не би требало да се дискутира, бидејќи тие се основната надлежност на функционирањето на самата локална самоуправа. „Пред сѐ, градоначалникот е тој кој би требало да иницира промени, но и да иницира иновации. Сите сме сведоци во градовите во опкружувањето, сите го темпираат својот раст и развој врз основа на иновации, врз основа на позитивни практики кои се случуваат и испорачуваат во некои поразвиени центри, а ние, за жал, сѐ уште се бориме да ја поставиме основата“, рече Перински кој најави дека Владата наскоро ќе испорача целосни, издржани и одржливи решенија за надминување на проблемот со загадениот воздух, долгорочна стратегија, што на долг рок ќе ги гарантира и ќе ги обезбеди реалните потреби на граѓаните. Истовремено, потенцираше дека проблемот со јавниот превоз не може да се решава парцијално, а доказ за тоа се и неколкуте такви решенија во изминативе години, кои не вродиле со плод. „Ни фалат зелени коридори коишто мора да ги направиме и развиваме. Ни фалат булеварски решенија, ни фали системски пристап кон решавање на проблемите со јавниот превоз. Проблемот со сметот е сериозно актуелно прашање. Сите овие основни проблеми се едни со други поврзани и затоа ни треба долгорочна стратегија и планирање, која ќе биде на одржлива основа“, додаде Перински.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа