„Пијан или дрогиран човек не може така рамно да трча": Хрватски криминолог за потрагата по Матеј Периш

 

Хрватскиот криминолог Жељко Цвртила во разговор за N1 ја коментирал потрагата по Сплиќанецот Матеј Периш, кој исчезнал во Белград. Запрашан кој би бил патот на истрагата доколку ја води тој, Цвртила рекол дека на почетокот би тргнал во две до три насоки.

"Првата насока би била разговори и утврдување на околностите од страна на пријателите, односно луѓето со кои исчезнатиот дошол во Белград, прво со нив да да се види кој последен го видел, каде го видел", рекол тој, пренесува "Index.hr".

"Втората насока на истрагата би одела кон окружувањето во кое во последните часови се наоѓал исчезнатиот, односно во клубот, просторот и улиците каде што трчал, брегот на Сава", рекол Цвртила.

"Третата насока, секако, пребарување на самата Сава, но и околните објекти. Сепак, тоа не го видовме, дали се пребарувани објектите на копно", рекол Цвртила.

Зошто пријателите на Матеј биле испрашувани на полиграф?

Српската полиција полиграфски ги испрашувала пријателите на исчезнатиот Периш, а Цвртила вели дека тоа е еден од методите кои се користат.

"Полиграфското тестирање не служи само за да се испраша некој сомнителен, туку и за да се елиминираат осомничени и да се отстрани сомнеж. Тоа сигурно е добар потег на српската полиција, бидејќи на тој начин тие дале простор за фокусирање на другите работи, доколку од разговорите со пријателите не излегле сомнителни работи. Второ, полиграфското тестирање служи за да и ја олесни потрагата на полицијата и да ја насочи во одредена насока", ркеол криминологот.

„Се појави информација дека бил под дејство на алкохол или дрога, но некој под тоа дејство не би можел толку рамно да трча"

Што се однесува до надзорните камери, Цвртила вели дека тие можат да служат за реконструкција на настаните. Се зема содржината од различни камери и се гледа движењето на лицето по кое се трага.

На една од снимките се гледа како Периш разговара со таксист, се обидува да влезе во такси, но тоа не му успева.

"Се појави информација дека момчето било пијано или дрогирано, но некој во таква состојба не може да држи насока и толку рамно да трча. Од друга страна, таксистот му застанал, не му отворил врата, а кога не му отворил Матеј не бил насилен, само си продолжил. Јас не гледам конфузност која би можеле да ја предизвикаат алкохол или дрога, но можеби земал некоја дрога која не влијае на движењето", рекол Цвртила.

"Сега, зошто тој трча, бега ли од некој, на две места имаме ситуација кога тој се крие зад два автомобили. Зошто бега, го брка ли некој, имало ли инцидент во клубот, тоа не е го знаеме", рекол Цвртила.

06.01.2022 - 11:21

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега