Почина 8-годишно девојче - родителите ќе лежат 14 години во затвор

 


Родителите на осумгодишно девојче со дијабетес во Австралија, кое починало откако речиси една недела не и бил даван инсулин, се осудени на 14 години затвор за убиство од небрежност. На Елизабет Струхс ѝ бил дијагностициран дијабетес тип 1 во 2019 година, а семејството било информирано дека на девојчето ќе и требаат дневни инсулински инјекции, пишува Би-Би-Си.

Родителите припаѓале на религиозна секта позната како „Светци“, која се противи на медицинската нега. Девојчето починало од дијабетична кетоацидоза, која предизвикува опасно таложење на кетонски киселини и нагло зголемување на шеќерот во крвта. Таа почина во нејзиниот дом во Тувумба, западно од Бризбејн, пишува медиумот.

Џејсон Струхс и Елизабет Струхс беа осудени за убиство од небрежност заедно со уште дванаесет други. Водачот на култот Брендан Стивенс е осуден на 13 години затвор во Врховниот суд во Квинсленд. На судењето тој беше опишан како опасна и високо манипулативна личност. Единаесет други членови на сектата добија затворски казни од шест до девет години. Сите тие се изјаснија дека не се виновни.

При изрекувањето на својата пресуда од речиси 500 страници минатиот месец, судијата Мартин Барнс рече дека иако е јасно дека родителите го сакаат девојчето, нивните постапки довеле до нејзина смрт. „Поради нивното верување во божествената моќ на исцелување, таа беше лишена од едното нешто што сигурно ќе ја одржеше во живот“, рече тој.

„Елизабет беше принудена да повраќа и да претрпи екстремна поспаност и губење на свеста затоа што ѝ беше одбиена медицинска помош“, рече обвинителката Каролина Марко за време на повеќемесечното судење.

Обвинителите повикале 60 сведоци кои потврдиле дека девојчето ужасно страдало во последните денови од животот. За тоа време групата се молела и пеела за неа додека лежела на душекот и состојбата и се влошила. Верувајќи дека таа може да биде вратена во живот, членовите на сектата не повикале лекар и властите не биле известени дури 36 часа по нејзината смрт, беше кажано на судот.

„Елизабет само спие и ќе ја видам пак“, изјавил нејзиниот татко. Водачот на сектата ги бранеше постапките на групата на судењето и го опиша судењето како чин на верски прогон. Тој рече дека сектата има целосно право да верува во словото божјо.

Сестрата на Елизабет, Џејд Струхс, претходно изјави дека ја напуштила сектата и побегнала од семејната куќа на 16 години, откако признала дека е геј. Таа е отуѓена од семејството. Таа и другите сведоци ја опишаа заедницата како многу строга и потврдија дека забрануваат потпирање на модерната медицина.

26.02.2025 - 18:09

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега