Поранешна ученичка со нож нападна ученик и професорка во средно училиште во Белград
Поранешна ученичка со кујнски нож повредила ученик (15) во приватното училиште „Руѓер Бошковиќ“ во Белград и една професорка која се обидела да ја спречи во нападот, пренесуваат српските медиуми.
Девојчето било поранешна ученичка на ова училиште, но самоиницијативно се отпишало. Полициски екипи се на терен, а според првичните информации девојчето е совладано, уапсено и приведено, потврдиле за Танјуг од српското МВР.
Ни ученикот А.Р. ни професорката, која се здобила со исеченица на раката, не се сериозно повредени.
Училиштето е евакуирано, а на терен се силни полициски екипи и екипи на итната медицинска помош, јавуваат медиумите.
Пред училиштето, шокирани родители ги чекаат децата. Тие се тресат и плачат, пишува „Блиц“.
„Ми се јави син ми и ми рече веднаш да дојдам на училиште, дека во училиштето има повеќе од 20 полицајци, дека од другарка слушнал оти девојка избодела професорка по историја, а потоа почнала да брка другар,“ вели една мајка.
Друга мајка наведува дека полициско возило возело низ улицата со вклучени ротацини светла.
„Помислив дека повторно е лажна пријава како што утрово се случи во Калуѓерица и во Обреновац. Не го сфатив ова сериозно, но за минута или две, поминаа најмалку најмалку пет полициски возила со вклучена ротација. Не знаев што се случува, но кога дојдов дознав дека девојката побегнала и дека ја бараат,“ раскажува преплашената мајка.
За потсетување, вчера во Белград 14-годишно момчет со пиштол уби осум свои соученици, една професорка и чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“ во кое учел.
Шест ученици со прострелни рани биле хоспитализирани во Ургентниот центар во Белград, односно на клиниката во Тиршова.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа