Пријателите на Матеј се дел од сплитскиот џет сет, полицијата детално ги истражила нивните биографии

 

Началникот на Управата на криминалистичката полиција и помошник директор на полицијата на Хрватска, Антонио Геровац, вчера на прес-конференција изјавил дека пријателите на исчезнатиот Матеј Периш од Сплит се круцијален извор на информации.

"Српската полиција детално разговараше со нив. Инспекторите кои работат на случајот се најискусни инспектори и морам да кажам дека станува збор за вистински професионалци. Хрватската полиција ќе преземе одредени акции во однос на пријателите, да се разјаснат одредени недоумици кои постојат во делот на исчезнувањето. Со нив ќе се водат разговори додека ние мислиме дека е потребно", нагласил Геровац.

Пред неколку дена била објавена фотографија од Матеј Периш, кој инаку исчезнал во Белград на 31-ви декември во околу 2 часот по полноќ по излегувањето од ноќниот клуб Готик, и неговите пријатели како позираат во комбе на пат за српската престолнина. Како што пишуваат хрватските портали, пријателите на Матеј немале допирна точка со криминал, ниту се однесувале сомнително, иако повеќето од нив се дел од сплитскиот џет сет.

„Јас повеќе не знам што да кажам. Тоа се обични момчиња со завршени факултети и свои работи. Дали некој од нив се дрогирал во Белград? Тоа е сосема неважно за поширокиот контектс на оваа приказна. Сигурен сум дека не кријат ништо, зборував со некои од нив. Тие на инспекторите им кажаа дека не знаат зошто Матеј истрчал од клубот. Веројатно затоа што Матеј влегол во некој проблем кој тие не го виделе додека седеле на масата, а сметале дека е некаде со некоја девојка. Исчезнувањето го пријавиле во разумен рок, веднаш следното утро, иако полициските правила наложуваат тоа да се направи дури по истекот на 24 часа. Колку што знам, тие на полицајците им кажале дека дошло до некои несогласувања во клубот, но полицијата веројатно проценила дека тоа не е важно за истрагата, па не го изнела официјално во јавноста“, заклучува извор за хрватскиот портал "Vecernji".

Екипата од седум момчиња од Сплит прво со автомобил отишла во Загреб, а потоа изнајмила комбе со кое на 30-ти декември тргнала кон Белград, каде изнајмила апартман.

Детално се пребарани биографиите на сите пријатели од кои произлегува дека сите се образовани или спортисти. На јавноста и е познато дека меѓу нив имало двајца браќа кои веќе со име и презиме зборувале за медиумите. Наводно станува збор за синови на познат сплитски бизнисмен. Еден од нив студирал на загрепскиот ПМФ. Освен тие и Матеј, во комбето имало уште четири момчиња на возраст од 25 до 29 години.

Момчето кое седи во последниот ред десно завршило Градежен факултет, архитектура и геодезија и неговите познаници за "Vecernji List" рекле дека е од уредно и угледно семејство, а татко му е сопственик на добростоечка градежна и проектантска компанија. Тој Периш го познавал од гимназијата Владимир Назор, каде заедно оделе во училиште.

Како што пишува овој медиум, момчето не се дружело интензивно со екипата која тргнала во Белград, туку повремено. Момчето до него завршило средно Техничко сообраќајно училиште, и професионално се занимавало со ракомет, а во текот на кариерата играло и за германски клубови. Моментално е вработен во сплитската железница и уште игра ракомет во нисколигашки клуб.

Момчето зад воланот учело во сплитската математичка гимназија, но нема сознанија дали продолжило со образованието. Според неофицијални информации, во комбето во вториот ред од левата страна седел пријател на Матеј за кој се знае дека професионално игра мал фудбал.

Потсетуваме, денеска е 14-ти ден од потрагата по младиот Сплиќанец.

13.01.2022 - 13:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега